Крцоски: Меѓуопштински јавен превоз, негова модернизација и автобуски стојалишта за развој на Дебарца

Дебрца е  рурална општина на голема територијална површина. Во нашата интензивна комуникација со месните одбори, при изработката на програмата за работа и развој на општина Дебрца, дојдовме до одредени заклучоци за тоа што се најприоритетните потреби на граѓаните.

Покрај инфраструктурните подобрувања на кои е ставен најголем акцент во програмата, и за кои најсилно ќе се залагаме за обезбедување средства и нивна реализација, заклучивме дека нашето внимание треба да го добие уште еден проблем кој го засега мнозинството граѓани, а тоа е меѓуопштинскиот превоз.

Предвидена е негова модернизација која ќе ја постигнеме преку обезбедување редовни субвенции за линиските превозници, како тие би можеле да ги подобрат условите за користење на јавниот превоз. Во соработка со превозниците кои сообраќаат на ниво на општина Дебрца, ќе изнајдеме заеднички јазик и ќе изработиме добар план за линии врз основа на потребите на населението.

Исто така, во рамките на овој проект ќе се постават автобуски стојалишта на местата каде што ги нема, а ќе се постави и соодветно улично осветлување на веќе постоечките.

Со заложбите за решавање на овој проблем, веруваме дека ќе го олесниме функционирањето на голем дел од населението кое живее во Дебрца, а е корисник на јавниот превоз.

Само со вакви решенија, кои произлегуваат токму од реалните потреби на граѓаните, Дебрца ќе се развива по нагорна линија, а ќе се подобрува квалитетот на живот на Дебрчани.

На 17ти заокружуваме 12ка и со огромен број гласови потврдуваме што е најдобриот избор за општина Дебрца!, истакна на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник од СДСМ Игор Крцоски.

Close