Арсовска: Занаетчиските бизниси имаат економска вредност за градот и затоа треба да се поддржуваат

Потребно е да се инвестира во развивање на занаетчиството, зашто што има значајна економска вредност е заклучокот од денешниот состанок на независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска со Занаетчиската комора на Скопје. На состанокот, претставниците на занаетчиската комора ги изнесоа проблемите со кои се соочуваат и од кандидатката побараа решение со цел да не се дозволи исчезнување на старите занаети. ГТЦ и Старата скопска чаршија како центри на занаетчиските бизниси се двете клучни точки на кои градските власти треба да посветат внимание и да дадат решение, а развојот на овие специфични микро компании зазема голем дел од изборна програма на Арсовска, каде има зацртано проекти за одржлив развој:

„Овие мали бизнис се многу повеќе од туристичка атракција во Старата скопска чаршија, тоа се микро компании и како такви дел од поголем ланец на стопанска гранка. Градот треба да посвети дополнителна грижа, во рамки на своите надлежности, на одржување, развивање и просперитет на занаетчиството заради нивното повеќекратно значење. Со правилни мерки и програма насочена кон економско заживување на чаршијата, кон популаризација на можности на ова занимање и стимулирање на младите да се вклучат во изучување на занаетчиството, ќе се отворат перспективи и за занаетчиите и ќе се зголеми нивната вредност. Неопходно е да се заживее чаршијата, да се исполнат празните дуќани и секој да го најде своето место за да може да расте и да се развива”, истакна Арсовска.

Од Занаетчиската комора изнесоа дека се соочуваат со недостаток од млади луѓе кои ќе ги продолжат старите занаети, за што изнесоа предлози за поддршка, како финансиска помош и субвенционирање, даночни олеснувања, стипендирање млади кадри, на што Арсовска истакна тоа е само еден дел она што треба и може да се направи, а решенија постојат и се веќе развиени во детални проекти.

Close