(ВИДЕО) Планинската спасителна служба со детали за пожарот на Галичица – еве како се делуваше

Во понеделник, 30-ти Август, од страна на оперативниот центар за одговор при катастрофи на Црвен крст на Република Северна Македонија, бевме информирани дека на албанска страна, недалеку од границата, се појавил пожар, кој има опасност да се префрли на македонска територија, во строго заштитената зона на Националниот Парк. Бидејќи станува збор за планински предел, над 2000 м надморска височина, на кој не постојат пристапни патишта во високата зона, но и поради информациите дека се слушнати неколку детонации од заостанати гранати активирани од пожарот, од страна на Центарот за управување со кризи, преку оперативниот центар на ЦКРСМ, од нас беше побарано да се направи извидување на ситуацијата на терен, од безбедна далечина со употреба на дрон, пишуваат на својот сајт од планинската спасителна служба.

Бидејќи пожарот сѐ уште беше длабоко на албанска територија, барањето беше извидувањето да се изврши следниот ден, вторник 31-ви август, во раните утрински часови. Утрото на 31-ви, во координација со оперативниот центар на ЦКРСМ, бевме информирани дека поради безбедносни причини (поради детонациите од претходниот ден), одлучено е наместо од терен, извидувањето да се направи со хеликоптер на МВР. По извидувањето, беше  констатирано дека пожарот е многу блиску до границата и тоа на двете страни од Галичица (преспанската на исток и охридската на запад) и дека истиот брзо напредува.

Бидејќи беше очигледно дека во наредните денови, пожарот ќе треба да се гаси со поголем број на луѓе, оперативниот центар на ЦКРСМ побара од нас да организираме целосна логистика за укажување на помош, брза евакуација на евентуално повредени лица, како и дистрибуција на храна и вода за екипите на терен, која ЦКРСМ ја има обезбедено преку механизмот за хуманитарна помош од Федерацијата на Црвен крст и Црвена полумесечина. Дополнително во координација со одговорните лица од НП Галичица, беше побарано од нас, сепак да се направи извидување на терен, по должина на границата, бидејќи поради силниот ветер и густиот чад, состојбата изгледаше алармантно.

Во среда, 1-ви септември, во утринските часови, два тима на ПСС, вкупно 6 лица, се упатија на планината. Првиот тим организираше логистичка база во спасителната станица „Спиридон“, а другиот направи целосна обиколка на границата во високата зона од Граничен камен Ф-12, па сѐ до ГК Ф-9. За среќа, беше констатирано дека пожарот на источната страна од планината е целосно изгаснат и воопшто не навлегол на македонска територија, а на западната страна, во зоната над 1900 мнв, навлегува на македонска страна во форма на тесен ракав, кој поради правецот и силината на ветерот, се движи хоризонтално кон север, во тој момент високо над шумскиот појас.

Информациите кои ПСС ги достави до надлежните, беа од особено значење за подготовка на конкретен план за делување и беше побарано тимовите на ПСС да останат на планината и постојано да ја следат состојбата и да споделуваат информации. НП Галичица, согласно нашите информации и нивното искуство, покрај хеликоптерот, кој постојано апелираa да се вклучи во гасењето на пожарот, одлучи за следниот ден да дејствува и од копно со десетина лица вработени во НП Галичица, кои ќе имаат задача да го запрат ширењето на пожарот во долната зона, кон шумскиот појас.

Рано утрото на 2-ри септември, тимовите на ПСС повторно излегоа на терен, каде затекнаа многу поволна ситуација предизвикана од обилната утринска роса, која го имаше забавено ширењето на пожарот и овозможуваше лесно делување на копнените тимови. Оваа информација ги охрабри надлежните од паркот, иако с уште не беше одобрено дествување со хеликоптер, сепак да излезат на терен и да се обидат да го локализираат пожарот, а нив им се приклучи уште еден тим на ПСС кој ја организираше логистиката.

За жал, со кревањето на утринските температури и неповолниот ветер, пожарот повторно се разгоре и напорите на вработените беа речиси безуспешни, иако успеаја во еден дел да го пренасочат пожарот и да не дозволат негово навлегување во шумскиот појас тој ден. Согледувајќи ја реалната димензија на пожарот, неговите карактеристики, како и непристапноста на теренот (неопходни 1-2 ч. пешачење по стрмен планински терен до линијата на огнот), на заеднички состанок, одговорните од НП Галичица констатираа дека гасењето единствено е возможно во координирана акција за гасење од воздух и копнени тимови кои ќе ги догаснуваат останатите жаришта. Ваквата констатација секако беше споделена со останатите надлежни институции и уште еднаш беше побарано вклучување на хеликоптер.

На 3-ти септември, состојбата остана непроменета, пожарот продолжи да се шири со истата динамика и полека да се издигнува кон гребенот на планината. Бидејќи самиот гребен и висорамнините кон врвот Магаро, претставуваат исклучително значајно живеалиште на голем број ендемични видови, кои дури и во 2007 година останаа не чепнати од тогашниот пожар, по барање на НП Галичица, тимовите на ПСС останаа и понатаму на терен да ја следат состојбата со пожарот во високата зона од планината. Планот беше, по секоја цена да се спречи пожарот да го зафати оваа исклучително значајно подрачје, но и да се внимава истиот да не навлезе во шумскиот појас во локалитетот Војтино.

На 4-ти септември, во претпладневните часови, пожарот се развиваше со истиот интензитет, сѐ до вечерта, кога поради промена на правецот на ветрот, истиот почна нагло да се спушта кон пониските зони и веќе утрото на 5-ти септември, почна полека да ја зафаќа периферијата на шумскиот појас и тоа во најстрмните карпести делови, на западната страна.

Поради ваквиот развој на ситуацијата, но и поради бројните реакции на јавноста, попладнето на 5-ти септември, на овие делови дејствуваше и армиски хеликоптер, кој заедно со слабиот дожд кој заврна, значително го намали интензитетот на пожарот и го локализира само на две значително помали локации. За следниот ден, НП Галичица во соработка со Општина Охрид, ТППЕ Охрид, ДЗС и останати доброволци, вкупно 40-тина луѓе, како и механизација за расчистување на шумските патишта, подготви план за координирано делување, во содејство со најавените 2 воени хеликоптери кои беше требаше да дејствуваат дента.

Благодарение на дождот кој заврна утрото, беа откажани двата хеликоптери како и ангажманот на доброволците, додека тимовите на НП Галичица, ТППЕ Охрид, ДЗС и ПСС, се упатија да ги доизгаснат останатите жаришта, на кои пожарот беше навлезен во шумата. На поголемиот дел од жариштето, каде пожарот беше подлабоко навлезен во шумата, делуваа дел од вработените во НП Галичица, ТППЕ Охрид и ДЗС, додека на едно помало жариште, кое беше прилично оддалечено и на стрмен карпест терен, делуваа дел од вработените во паркот и тимот на ПСС. За време на целиот теренски ангажман на тимовите од ПСС, како и за останатите тимови, беше обезбедена логистичка поддршка од оперативниот центар за одговор при катастрофи на ЦКРСМ. Во продолжение, дел од фото и видео документацијата изработена за време на теренските активности.

извор, фото и видео: ПСС

Close