Чудата на Свети Илија

Во тоа време израилскиот народ отпаднал од верата на своите татковци, го оставиле Едниот Бог и се поклонувале на пагански идоли, чие почитување го вовел нечестивиот цар Јеровоам. Идолослужењето особено го подржувала жената на царот Ахав, паганката Језавела. Поклонувањето на идолот Ваал ги довело израилците до целосно морално пропаѓање. Гледајќи ја пропаста на својот народ, пророкот Илија почнал да го разобличува царот Ахав за нечестието, убедувајќи го да се покае и да се обрати кон Вистинскиот Бог. Царот не го послушал свети Илија. Тогаш пророкот Илија му објавил дека, како казна, три години не ќе има ни дожд, ни роса на земјата, а сушата ќе престане само по неговата молитва. И навистина, по молитвата на пророкот небото се заклучило, настапила суша и глад по сета земја. Народот страдал од неиздржлива жештина и глад.
Кога потокот Хораф пресушил, Господ го испратил пророкот Илија во Сарепта Сидонска кај сиромашна вдовица, која страдала заедно со децата во очекување на смрт од глад. По молбата од пророкот, таа му приготовила пресен леб од последната фатка брашно и од остатокот масло. По молитвата на пророкот Илија, брашното и масло оттогаш не се потрошувале во домот на вдовицата, во текот на целата година. Со силата на својата молитва големиот пророк направил друго чудо – го воскреснал умрениот син на таа вдовица.
По изминувањето на трите сушни години, Милосрдниот Господ го испратил пророкот кај царот Ахав за да прекинат бедите. Пророкот Илија заповедал да се собере на гората Кармил целиот Израил и жреците на Ваал. Кога народот се собрал, пророкот Илија предложил да направат два жртвеника: еден – од жреците на Ваал, а друг – од пророкот Илија за служење на Вистинскиот Бог. „На кој од нив ќе слезе оган од небот, тоа ќе биде укажување, чиј Бог е вистински – рекол пророкот Илија – и сите ќе мора да Му се поклонат Нему, а оние што нема да го признаат Него, ќе бидат предадени на смрт.” Први пристапиле кон жртвопринесување пророците на Ваал: тие викале кон идолот од утро до вечер, но напразно – небото молчело. Вечерта свети пророк Илија го подигнал својот жртвеник од 12 камења, според бројот на племињата Израилеви, ставил жртва на дрвата, заповедал да се ископа околу жртвеникот ров и да се полеат жртвата и дрвата со вода. Кога ровот се наполнил со вода, пламениот пророк се обратил кон Бога со огнена молитва, Господ да испрати оган од небото за вразумување на заблудените и ожесточени Израилци и да ги обрати нивните срца кон Себе. По молитвата на пророкот од небото слегол оган и ја запалил жртвата, дрвата, камењата, а и водата. Народот паднал на земја, извикувајќи: „Навистина само Господ е Бог и нема друг Бог освен Него!” Тогаш пророкот Илија ги убил сите жреци на Ваал и почнал да се моли за дожд. По неговата молитва небото се отворило и паднал обилен дожд.
Царот Ахав ја осознал својата заблуда и ги оплакувал гревовите, но неговата жена Језавела сакала да го убие Божјиот пророк. Пророкот Илија избегал во Јудејското царство и жалејќи што не можел да го искорени идолопоклонството, ја барал од Бога својата смрт. Пред него застанал Ангел Господов, го закрепнал со храна и му заповедал да оди на далечен пат. Четириесет денови и ноќи одел пророкот Илија и кога стигнал до гората Хорив, се населил во пештера. Таму по страшна бура, земјотрес и пламен му се јавил Господ „во тивок ветрец” (3 Цар. 19,12) и му открил на нажалениот пророк, дека Тој зачувал седум илјади верни слуги кои не се поклониле пред Ваал.
Господ му заповедал на пророкот Илија да го помаза (да го посвети) за пророчка служба Елисеј. За својата пламена ревност за Божјата Слава, пророкот Илија бил земен на Небото жив , ја раздeлил вoдата вo рeката Јoрдан и сe вoзнeсoл на нeбoтo вo oгнeна кoчија сo oгнeни кoњи. Пророкот Елисеј бил сведок на восходењето на пророкот Илија на небото во огнената кола и од него ја добил наметката што паднала како дар на пророчкиот дух – двојно поголем, отколку што имал пророкот Илија.
Според преданието на Светата Црква, пророкот Илија ќе биде Предтеча на Страшното, Второ, Христово Доаѓање на земјата и за време на својата проповед ќе прими телесна смрт.
Животот на светиот пророк Илија е опишан во Старозаветните книги (3 Цар.; 4 Цар.; Сир. 48, 1-15; 1 Мак. 2, 58). За време на Господовото Преображение пророкот Илија разговарал со Спасителот на гората Тавор (Мт. 17, 3; Мк. 9, 4; Лк. 9, 30).
365 Цркви во Охрид
Close