(ФОТО) ПСС спасуваше средовечна жена кај Св. Богородица Захумска, поради метежот акцијата се спроведе преку Езеро

Во оперативниот центар на Планинската Спасителна Служба, било пријавено дека движејќи се по патеката од с. Трпејца, кон манастирот Св. Богородица Захумска (Заум), средовечна госпоѓа се здобила со сериозна повреда на ногата и не можела самостојно да продолжи. По утврдување на точната локација, а имајќи го предвид сообраќајниот метеж на патниот правец Охрид – Св. Наум во овој период од годината, оперативниот центар на ПСС одлучи за оваа интервенција да искористи дел од ресурсите од Единицата за безбедност на вода, која исто така делува во состав на Црвен крст Охрид.

„Благодарение на пловниот објект, до местото на незгодата тимот стигна за 20-тина минути. Веднаш ѝ беше укажана помош на повредената, со имобилизација на ногата, по што со помош на мултифункциско носило, беше безбедно спуштена до брегот на езерото. Повредената со пловниот објект беше транспортирана до с. Пештани, од каде во 13:15ч. ја презеде возило на итната медицинска помош од Охрид и ја пренесе во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ на понатамошен третман“, велат од Планинската спасителна служба. 

Тие додаваат:

„Оваа интервенција, трета по ред во месец јули, уште еднаш ја истакнува спремноста на спасувачките тимови при Црвен крст Охрид, кои располагаат со соодветни вештини, опрема и возила, со чија помош, ваквите интервенции се сведуваат на рутинска операција и се изведуваат максимално безбедно и со голема прецизност и ефикасност. На Госпоѓата и посакуваме брзо закрепнување, а на сите посетители на регионот безбедни планински авантури“, велат од ПСС.

Close