Новиот Закон овозможува легализација на дивоградбите на езерскиот брег

Еден барател ќе може да легализира по еден објект, а наместо изјава заверена на нотар, ќе треба да приложи документ дека ги платил сите досегашни сметки. Ќе можат да легализираат и правни субјекти, а верските заедници како МПЦ-ОА и ИВЗ на пример, нема да подлежат на плаќањето на комуналии.

Куќите за домување кои се изградени во заштитени подрачја, на пример, покрај Охридското Езеро, сепак ќе можат да бидат легализирани со најновите измени во Законот за урбанизам, тврди архитектот Андреј Јаков за Телма.

Откако претседателот Стево Пендаровски еднаш не го потпиша спорниот предлог-закон со кој граѓаните ќе можат преку плаќање на екстра комуналии да ја легализираат својата градба или доградба, негова нова верзија е веќе ставена на увид пред пратениците.

„Зони на одржливо користење“ е новиот термин со кој Законот веројатно сака да направи можност да се легализираат семејни куќи од А1 категорија, а кои се во зелени и заштитени подрачја. Секој објект кој ќе биде во ваква „одржлива“ зона може да биде легализиран, освен ако не е зграда (А2 категорија) или друг тип на објект.

Ќе останат дивоградбите после Далјан

Ќе бидат ли поштедени над 900 дивоградби кои зјаат на Охридското Езеро, некаде после Далјан? И што значи ова за дивите викендички во другите национални паркови? Пред само неколку дена Македонија доби втора шанса да ги исполни препораките на УНЕСКО, но овој закон веројатно ќе го искомплицира тоа.

– Практично никој нема да одговара затоа што направил дивоградба. Буквално амнестија на дивоградбите во Македонија се случува сега како што беше и со претходниот закон, којшто беше еден од најштетните закони што ги донесоа, ми се чини. Ова е апсолутно само шминка – вели Јаков за Телма.

Според Јаков, дивите станбени куќи ќе можат да се легализираат дури и ако не се вклопуваат по класата на намена или по габарит со она што е предвидено во генералниот урбанистички план за областа во која „никнале“, а товарот за овие неправилности правно да се решат ќе им падне на општините.

Двојни комуналии 

Една од новините во законот ќе биде дека гаражи, времени објекти, базени и помошни простории не ќе може да се „амнестираат“, а истото се однесува и на зградите. Еден барател ќе може да легализира по еден објект, а наместо изјава заверена на нотар, ќе треба да приложи документ дека ги платил сите досегашни сметки. Ќе можат да легализираат и правни субјекти, а верските заедници како МПЦ-ОА и ИВЗ на пример, нема да подлежат на плаќањето на комуналии.

Колку ќе чини легализирањето? Според досегашните информации, за куќи до 80 квадрати ќе треба да се платат комуналии зголемени за 50 отсто, а за тие над 80 квадрати – двојно зголемени комуналии. Лицата кои имаат ниски примања, поточно до 3.000 евра годишно, ќе бидат ослободени од плаќањето. Исто така, новопредложениот закон ќе важи само за дивоградби кои „никнале“ до 1 јануари годинава.

Извор: Телма / Плусинфо

Close