Нуредини: Студенчишко Блато под привремена заштита

Додека трае постапката за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природата, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, согласно Законот за заштита на природата, донесе Решение за негова привремена заштита. Привремената заштита на подрачјето ќе се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи Студенчишко Блато за заштитено подрачје, а кој е завршна фаза на изработка. Во меѓувреме, Студенчишко Блато е прогласено за водно живалиште од меѓународна важност според Рамсарската Конвенција.

Согласно Решението за привремена заштита на Студенчишко Блато, за времетраењето на привремената заштита на подрачјето нема да се спроведуваат активности од постоечкиот ГУП на градот Охрид во делот на Урбана Заедница – УЗ 17, Урбан блок – У.Б 17.1, како и изработка и донесување на урбанистички планови и урбанистички проекти, урбанистички проекти за партерно уредување на просторот, спровдување на постапкa за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, спроведување на постапка за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште, одлагање на шут и комунален отпад, употреба на хемиски заштитни средства и минерални ѓубрива за земјоделски активности, доделување на нови или продолжување на постоечките концесии согласно прописите за концесии и јавно приватно партнерство, прописите за градежно земјиште, како и прописите од областа на лов и риболов и проширување или изградба на нови патишта, соопштија од министерството.

извор/фото: агенции

Close