После децении успешна работа и градење бренд кој стана најголем симбол на бизнисот и фирмите од Охрид, „Охридска Банка“ од вчера и официјално повеќе не постои. Новиот сопственик „Шпаркасе Банка“ го избриша правното лице „Охридска Банка“ од Централниот регистар и го припои кон „Шпаркасе Банка“. Со ова завршува ерата во која градот Охрид имаше банка која беше бренд во Македонија.

„Охридска Банка“ е создадена и креирана од легендарниот охридски банкар, Најденко Попоски, кој ја создаде банката од една филијала која била лоцирана на местото каде сега е зградата попозната како „Банкана“.

Потоа со многу знаење од банкарскиот бизнис „Охридска Банка“ се прошири низ цела Македонија и изгради значајна мрежа од филијали низ земјава.

Банката ги помина без никакви потреси и најцрните времиња на банкарството во земјава кога десетици илјади граѓани беа ограбени во два наврати, еднаш преку т.н. „стари девизни заштеди“ кои пропаднаа во 90-тите години, и потоа кога во земјава се создадоа и пропаднаа неколку пирамидални штедилници и без пари оставија десетици илјади граѓани. И во овие најцрни времиња „Охридска Банка“ остана банка на доверба, каде никому не му пропадна ни еден денар или девизи од пензии исплаќани од странство.

Охридска Банка уште 1998 година, со појавата на интернетот прва во Македонија воведе електронско банкарство, што во тоа време претставуваше револуционерна новина.

Најденко Попоски во едно негово интервју дадено за некогашниот дневен весник „Дневник“ визионерски зборуваше за неопходноста од продажба на банката, образлагајќи го тоа со процесите на окрупнување на капиталот и банките глобално и технолошкиот развој кој носи темелни промени во начинот на функционирање на банките, кои во иднина ( интервјуто е од 2004 година ) ќе се сменат до таа мера што една помала банка лоцирана надвор од големите центри нема да може да опстане на пазарот.

Банката најпрво во 2007 година беше продадена на француската „Сосиете Женерал“, која подоцна ја продаде на „Шпаркасе“.

 

 

Close