Серафимовска: Скандалозното носење на националната стратегија за заштита на културното наследство ја потврди несериозноста и некадарноста на власта да го заштити статусот на Охрид во УНЕСКО

На 25-ти мај оваа година, Управата за заштита на културно наследство објави Предлог – Национална стратегија за заштита и користење на културното наследство (2021-2025) и отвори таканаречена „електронска јавна расправа“ според која требаше да се пополни извесен формулар со забелешки кои ќе биде доставен до работното тело. Станува збор за исклучително важен стратешки документ според кој треба да се креираат идните стратегии, планови и проекти во областа на заштитата на културното наследство. Но сепак, повторно сме сведоци на еден нетранспарентен процес на изработка на еден ваков стратешки документ бидејќи со испраќање на формуларот расправата воопшто не е јавна, туку е еднонасочна и само навидум транспарентна, впрочем како и се друго од оваа Влада која под превез на ваквите „јавни расправи“ до сега донесе стратегии и закони кои се исклучително штетни за нас, граѓаните, истакна пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Велика Стојкова Серафимовска.

Серафимовска додаде:

Предлог Националната стратегија уште еднаш ја потврдува неспособноста на оваа Влада, бидејќи Работното тело, чии членови не се јавно објавени, самото констатира бројни недостатоци во системот на заштита кои, многу индикативно се истакнуваат токму во последниве четири години во кои владее СДСМ. Оценката вели дека не постои соодветна комуникација помеѓу надлежните институции, нема доволно финансии за заштита на културното наследство, нема доволно соодветни човечки ресурси за извршување на задачите во институциите, самите институции немаат соодветен простор и опрема за работа, како и многу други забелешки, со што уште еднаш се потврдува некадарноста на оваа Влада, поточно на ресорот култура во менаџирање на заштитата и користењето на културното наследство во Македонија. За тоа сведочат бројните археолошки локалитети кои сосема заборавени и без соодветна заштита и конзервација во изминативе четири години трајно се оштетуваат. За тоа сведочат обраснатите ранохристијански базилики и средновековни цркви, манастири и тврдини, за тоа сведочат неостварените празни ветувања за спас на Охрид и охридскиот регион кој најверојатно овие денови ќе биде впишан на УНЕСКО-вата листа на Светско наследство во опасност од една единствена причина, а тоа е неодговорно менаџирање на доброто. За волја на вистината и самата министерка Ирена Стефоска наместо да се засрами од овој светски скандал и веднаш да си поднесе оставка, таа само ја искара и ја потврди неспособноста на локалната и централната власт на која таа самата и припаѓа.

Од предложените мерки и механизми како дел од Предлог националната стратегија може да се заклучи дека тимот кој работел на истата, особено во одредени сегменти покажува банално непознавање на материјата, законите и законските регулативи, правилниците и други подзаконски акти со кои се регулира заштитата на културното наследство. Очигледно е дека авторите на стратегијата не знаат или немале увид ниту на досегашната институционална поставеност па предлагале формирање на тела кои веќе постојат. Зборуваат за дигитализација и немање соодветна опрема, а средства за купување на опрема во овие институции немаше ниту во Буџетот за 2020, ниту во Буџетот за 2021 година. Зборуваат за евиденција и документација, а единствениот Национален систем на културно наследство не функционира од февруари, 2018-та година. Зборуваат дури и за отворање на Центар за дигитализација, а притоа целосно го занемаруваат финансирањето на веќе постоечниот Центар за дигитализација кој е и УНЕСКО-ов Центар од втора категорија за регионот на Југоисточна Европа. Зборуваат за зајакнување на човечките капацитети, а изминативе години токму тие вработија сериозен број на партиски членови во институциите од областа на заштитата. Зборуваат за некакво вмрежување на институциите, а и самите не ги знаат ингиренциите на истите. Зборуваат за заштита на културното наследство во кризни состојби, а за време на КОВИД-19 кризата Владата целосно го заборави овој сегмент кој претрпе сериозни последици.

Предлогот Национална стратегија за заштита на културното наследство е всушност еден несериозен документ кој повторно покажува непочитување кон исклучително богатото движно, недвижно и нематеријално културно наследство во Македонија. Ваквиот однос уште еднаш ја потврдува агендата на оваа влада за обезличување на идентитетските маркери и обележја чиј носител е токму културното наследство.

Таканаречената јавна расправа заврши на 21 јуни, а документот повеќе не и е достапен на јавноста. Не слушнавме никаква дискусија, па се очекува уште еден несреќен документ кој најверојатно ќе заврши исто како фамозната „Национална стратегија за културата (2018-2022)“ на Алаѓозовски која никако да почне со реализација, иако веќе дојде време за нова стратегија.

ВМРО-ДПМНЕ секогаш покажува длабока почит кон културното наследство и неговата функција во општеството и заедниците. ВМРО-ДПМНЕ секогаш покажува дека знае како бидејќи ВМРО-ДПМНЕ почитува знаење, ум и разум, а не политиканство на штета на државата.

Затоа, почитувани граѓани, време е за оставка.

Close