(ВИДЕО) Буково гори со денови, чадот стигна до Охрид

Депонијата Буково гори скоро десет дена, а чадот од депонијата стигна и до Охридската котлина, па со чад рано утрово беше покриен просторот кај селата Косел и Лескоец кои се споени со урбаната зона на Охрид. Од ЈП ОХРИДСКИ КОМУНАЛЕЦ велат дека депонијата ја палат лица од Ресен кои доаѓаат на депонијата без дозвола, а ја палат за полесно да собираат метален отпад.

Од „Комуналец“ велат дека ова е повеќе пати пријавувано во Полиција но до сега не е решен проблемот со овие лица.

Денес раководството на „Комуналец“ остварило средба со фирмата која е задолжена за расчистување на депонијата, а од таму велат дека најмногу за два дена пожарот на депонијата ќе биде угаснат.

Загрижува фактот што ЈП Охридски комуналец подолго време апелира до надлежните да се пронајдат и санкционираат потпалувачите на оган во депонијата, но сеуште истите не се извадени пред лицето на правдата.

Инаку ова не е прв пат депонијата да биде запалена. Надлежните веднаш реагираат, но многу е тешко да се изгасни брзо, затоа што станува збор за натрупан смет, кој претставува опасност.

Close