Анкета на ИРИ: Граѓаните со ниска доверба во градоначалниците

Владеачката СДСМ во Охрид има 22% поддршка кај граѓаните, наспроти 16% за ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат резултатите од анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), во делот кој се однесува на престојните локални избори.

3% би гласале за Левица, Беса би добила 2%, додека за ДУИ својот глас би го дале 1% од испитаниците во анкетата спроведена во Охрид. Маргината на грешка е 6,2 процентни поени.

Од друга страна, 52 отсто од испитаниците од Охрид изјавиле дека би сакале да видат ново лице на местото на актуелниот градоначалник д-р Константин Георгиески, наспроти 31% кои ги поддржуваат неговите одлуки и начинот на кој го води градот. 35% од испитаниците работата на Георгиески ја оцениле како „многу незадоволувачка“, наспроти 4% кои се „многу задоволни“ од истата.

Ова е во спротивност со резултатите кои ги имаше Георгиески на предвремените локални избори во 2019 година, кога тој освои 54,36% од гласовите, наспроти 51,65% колку што освои партијата на претседателските избори, кои се одржаа паралелно таа година. Во истиот изборен циклус, ВМРО-ДПМНЕ со кандидатот д-р Митре Милошески освои 41,68%, додека партијата преку претседателскиот кандидат освои 44,75% од гласовите.

Според најновото национално истражување од страна на Центарот за анкетни истражувања на ИРИ, граѓаните на Република Македонија се чувствуваат обесхрабрени од градоначалниците и локалните претставници пред изборите кои треба да се одржат оваа есен. Анкетата покажува дека граѓаните на Македонија имаат ниска доверба во нивните локални претставници пред изборите што се очекува да се одржат во октомври.

Анкетата била спроведена во периодот помеѓу 4-ти март и 6-ти април 2021 година, на репрезентативен примерок од 1.222 испитаници.

извор/фото: ИРИ

Close