(ФОТО) Започна со работа школата за едрење “Акватика Јахтинг” годинава под слоганот „Заедно за иднината на Езерото“

Младост, позитивна енергија, харизма, убавина… Ова е сликата денеска во Здружението за спортско едрење “Акватика Јахтинг” Охрид. Сите се подготвуваа денеска за официјалниот старт на годинешната школа за едрење. Членовите повеќе од возбудени, помагаат да се среди амбиентот од клубот. Едрилиците „светнати“ чекаат да бидат спуштени во водите на Охридското Езеро, а Езерото мирно, подготвено за нови предизвици.

„Едрењето како спорт е многу специфичен и затоа е малку дистанциран во однос на другите водени спортови. Едрењето бара опрема и голема желба од човекот кој ќе седне во едрилицата. Лесно се учи и брзо се совладува а не е проблем ако почетникот не знае да плива. Имаме врвна опрема и тестирана а безбедноста секогаш е на прво место“, вели Стефан Ставрев.

Клубот е познат и по тоа што се грижи за екологијата и животната средина. Денеска уште еднаш го покажаа токму тоа. Затекнавме работна акција за средување на клубските простории, но и околината.

Во желбата за екологија, им помагаат пријателите од „Сава пензиско друштво“.

„Ние сме Сава осигурителната групација и нашата компанија е многу насочена кон заштитата на водите и одтука потекнува нашата идеја дека треба да се заложиме за заштита на нашата најубава водна површина Охридското Езеро. Спонтано дојдовме до идеја дека „Акватика јахтинг“ клубот е друштво кое заслужува да биде поддржано и да направиме еден проект кој ќе потрае за почеток 5 години, а подоцна верувам дека ќе го продолжиме. Ја препознавме потребата од набавка од еден специјален чамец кој ќе им служи за поддршка на младите деца кои се обучуваат. Покрај останатото во рамки на договорот помагаме да се уреди просторот. Со овој проект спојуваме неколку наши цели, прво сме одговорни како компанија, заштитуваме вода која е национално богатство, помагаме на нови генерации учејќи да едрат, а со тоа многу порано ќе развијат свест од потребата за заштита на водите и конкретно на Охридското Езеро.        Ова е почеток на нашата соработка и веруваме дека истата ќе се развива и веруваме дека нашите активности ќе ги препознаат и другите“, вели за Охрид 1 Мира Шекутковска, претседател на управниот одбор на Сава пензиско друштво.

Таа додава дека „Акватика“ се ентузијасти кои се залагаат за поинаков начин на користење на благодетите на Езерото.

Здружението за спортско едрење “Акватика Јахтинг” Охрид е формирано во 2015 година, од страна на долгогодишни вљубеници во овој спорт. Од година во година интересот за овој спорт е се поголем.

„Во моментов располагаме со 25 едрилици, 14 едрилици класа оптимист,3 класа Ласер, 3 едрилици класа 470, двосед… Пријавени 15 нови деца, плус постоечките. Клубот ќе работи од понеделник допеток ќе работи. Тренинзи им се најзабавни на децата и никогаш немам видено паника или страв на нивната лица.Едноставно тренираат и уживаат“, вели Ставрев.

Напорната работа секогаш е крунисана со награди. Овој клуб често е на натпревари во соседните земји и секогаш се враќаат со награда што е мотив плус за членовите и во иднина да бидат најдобри.

Неодамна во Палич учествуваа на отворено првенство со деца во класа оптинист, а со воздрасните на обука поврзана организирана од меѓународна асоцојација на школи за едрење во Грција на 18 метарска јахта каде што воздрасните членови на клубов се усовршувааво поглед на полагање за скиперски дозволи.

Close