На празникот Вознесение – вознесување на нов крст во Рајчица

Домот на Победоносецот во Рајчица денес има двојна причина за слава: радосно празнувајќи го спасителното Христово Вознесение, го умножи ликувањето кога крсното знамение се издигна високо на небото и заблеска со победоносни зраци на врвот на новата манастирска камбанарија. Новиот крст, висок повеќе од два метри, излеан во месинг, има како основа котва – што симболично ја означува надежта на Христијаните, а околу краците е со декоративна изобразба на кормило кое ни ги покажува правецот на крстовоскресниот живот, на распетието, а потем – и на воскресението. Блескаше така и лицето на нашиот сакан старец и владика, Епископ г. Партениј, трогнат до солзи од силата на крстот, кој точно пред дваесет години, со осветувањето на Рајчица, го осени овој крај, а сега се издигна уште повисоко, за да можат сите да го видат „оружјето на мирот“ и да ја посведочат неразрушливата власт на Победителот над смртта. Со благодатно вдахновение и зборови достојни за неискажливото и надумно таинство што се случува денес, тој Го прослави Промислителот, Кој премудро го устрои ова духовно искачување и пребивање со Светиите во радоста на нашиот Господ:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Го празнуваме, мили мои, со голема чест и торжество, великиот празник на Вознесението Господово. Од првата глава на Делата Апостолски чувме дека Господ Исус Христос точно четириесет дена по славното Воскресение се вознесе на небесата со Своето обожено тело. Апостолот Лука раскажува дека Христос по Своето страдање им се претстави жив (на учениците), со многу верни докази, јавувајќи им се четириесет дни и зборувајќи им за царството Божјо (Дела 1,3). Со Своето јавување ги утврдувал во вистината на Своето воскресение, а на четириесеттиот ден Тој се подигна, и облак Го подзеде од пред очите нивни (9).

Со Христовото Вознесение се заокружува Божјата сотириологија. На човечката природа, преку телото на Богочовекот, ѝ се отвора патот кон спасението и обожението. Преку овој спасителен настан, на сите кои се во Христа крстени и во Него облечени, им се дарува можноста да станат непосредни учесници во животот на Триединиот Бог. На новиот човекот во Христа му се дава една чудесна слава, неспоредливо поголема од таа што ја имале нашите прародители Адам и Ева во Рајот, кои го имале достоинството да општат со Бога. Сега, преку Вознесението, Божјата и човечката природа се целосно соединети, бидејќи, како што пее Црквата денес, „паднатата природа Адамова во најдолните места на земјата, создавајќи ја наново, Боже, си ја возвел со Себе денес над секое начало и власт“. Зборови силни и чудесни! Човекот станува сопричесник на Божјата слава и достоинство!

 

Бигорски Манастир

Close