5.Maj 2021, ДЕН на реката ДРИМ – Наш избор е дали ДРИМ ќе биде наш Dream или наша Nightmare

Годинава одбележуваме 10 години од потпишувањето на Меморандумот за заедничка визија за Дримскиот Басен, потпишан на 25.11.2011 помеѓу петте земји кои го делат Дримскиот басен и осмо по ред прославување на Денот на реката Дрим истовремено во 4 од 5те земји кои го делат овој важен воден ресурс. Тоа се 10 години од настанот за кој никој не веруваше дека може да се случи а со кој всужност започна координираната акција за управување со Дримскиот басен и кој стана рамка и иницијална каписла на низа процеси кои следеа по него.Прво во таа низа беше создавањето на институционалната структура за координација преку формирањето на Дрим Кор Групата (телото кои го координира спроведувањето на Меморандумот и проектите со преставници на надлежните Министерства на петте држави) и формирањето на 4-те експертски работни групи: за биодиверзитет и екосистеми, за имплементација на европската рамковна директива за води, за мониторинг и размена на податоци и онаа за поплави.

Како нареден елемент беше одобрувањето и почетокот на имплементација на ГЕФ Дримскиот Проект со главна цел да промовира заедничко управување на прекуграничниот Дримски Басен вклучувајќи и координативни механизми на ниво на под-басени.

Главните производи преку овој проект се оние кои недостасуваа за успешно управување со водените ресурси во овој басен.

  1. Изготвена е прекугранична дијагностичка анализа на Дримскиот Басен што значи дека точно се идентификувани сите проблематични прашања на ниво на басен и под-басени. Во слободен речник тоа би значело : Сега знаеме се за проблемите во Дримскиот Басен и нема веќе потреба да губиме време на филозофирање за тоа кои точки се проблематични.
  2. Базирано на анализата,а со учество на голем број експерти , научници, преставници на институции изготвена, одобрена и потпишана (24.04.2020) е Стратешката Акциона Програма за Дримскиот Басен со преку 100 цели  и мерки кои треба да се спроведат. Или со други зборови : Ги знаеме сите потребни мерки и нема веќе потреба да губиме време на мудрување што и какви мерки требаат во басенот.
  3. Ккао посебна активност низ Дримскиот проект изготвен е Планот за управување со сливот на Охридско Езеро, план изготвен во согласност со европската рамковна директива за води, поткрепен со програма од преку стотина мерки (национални и билатерални) за квалитетно управување со Охридското Езеро и слив. Или повторно со други зборови кажана, нема веќе потреба од губење на време ни за филозофирање ни за мудрување околу тоа што и како треба за заштита и управување на сливот на Охридско Езеро

Кога на овие три документи му се додаде и изготвената платформа на Информативниот систем за размена на податоци на ниво на целиот Дримски слив (со мапи, хидрологија, мониторинг станици и сл) ете ги елементите кои толку долго беа потребни. И штом веќе ги имаме сите тие елементи следно што е потребно е политичката поддршка за мерките која ќе овозможи финансиска поддршка за нивно спроведување, дали од страна на донаторската заедница или од буџетските средства на државите.

Низ целиот процеси имам еден неодминлив впечаток дека живееме во период кога е најважно да се сликаме за социјални мрежи и медиуми, а не самата суштина и важност на сработеното. И евидентно е дека ако нема ништо за сликање минимален станува и политичкиот интерес и поддршка дури и за вакви стратешки документи и програми со мерки кои се суштината на заштитата и управувањето со водните ресурси. Ние,работејќи ги овие години сите овие анализи, податоци, документи, немавме баш многу време за сликање, но создадовме база за оние кои треба да ги поддржат и да се сликаат. И нема никаков проблем, ете ги документите, се е подготвено, сликајте се слободно само поддржете ги за да почнеме со спроведување на мерките во ваков критичен период.

Од наша страна пак, за наредниот период веќе работиме на текстот на Интернационалниот Договор за управување со басенот на реката Дрим и создавање на Заедничка Дримска Комисија по примерот на Дунавската и Савската комисија. Тоа би значело засекогаш воспоставена координација на активностите во Дримскиот басен кои не се само еколошко важни туку пред се се исклучително битни од енергетски аспект како и од аспектите на управување со поплавите, управување со земјоделието, туризмот итн. Имаме шанса и база да направиме нешто историско и одржливо за идното управување. Наш избор е сега дали Дрим ќе биде наш убав Dream или наша Nightmare.

Паралелно ги развиваме и елементите за изработка на планот за управување со целокупниот Дримски Басен што е уште еден огромен предизвик. И за сето тоа да опстои веќе работиме со донаторската заедница за обезбедување средства за активности за спроведување на мерките од Стратешката програма и од Планот за управување со сливот на Охридско Езеро.

Сега, во критичен период за водните ресурси, климата и енергијата, кога имаме веќе се на маса, не смее никако да се застане и сопре. И затоа исклучителен момент е да се поддржат процесите и изготвените мерки без разлика дали тоа ќе биде изведено со многу сликање. Нека е !

Дејан Пановски, Координатор, Дримски процес

Close