Меѓународен ден на Ромите

Денеска се одбележеува Меѓународниот ден на Ромите – ден на славење на ромската култура и традиција како нераскинлив дел од нашето мултиетничко, мултикултурно, мултијазично и мултирелигиско општество.

Но, во исто време на овој ден се истакнува и одбележува континуираната борба против дискриминацијата, сегрегацијата и маргинализацијата со кои Ромите се соочуваат секојдневно во речиси сите оштествени сфери. Дополнително, ваквата ранливост на Ромите е зголемена во време на пандемијата, предизвикана од Ковид-19, бидејќи голем дел од ромската етничка заедница се соочува со екстремна сиромаштија, супстандардни услови за живот и недостиг на адекватна здравствена заштита.

„Во ситуација кога дури 85,6  отсто од Ромките не го посетиле својот матичен гинеколог, само 3 проценти од граѓаните вклучени во активните мерки за вработување се Роми и додека припадниците на ромската етничка заедница сè уште се најчесто жртви на расизам, дискриминација и сегрегација, не можеме да зборуваме за значаен напредок во превенција и заштита од дискриминација врз Ромите на системско ниво“, велат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Комисијата како национално тело за еднаквост тврди дека посветено ќе работи на елиминирање на сегрегацијата на децата Роми во образованието, отстранување на системската дискриминација во пристап до здравствени услуги и на превенција и заштита од дискриминација во пристапот до добра и услуги на Ромите.

makfax

Close