(ФОТО) ЕКО ФАП се комплетира, по донацијата на противпожарно возило и две мобилни лафетни млазници, сега од Владата добија и стар автобус

Доброволното противпожарно еколошко и хуманитарно здружение ЕКО ФАП – Охрид полека но сигурно се комплетира и е се поблиску до својата цел. Со одлука на Владата од 23 март 2021 год на трајно користење доби стар автобус од Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо Охрид.

Автобусот кога веќе стигна во рацете на здружението ќе си го добие потребниот третман.

„Пак ќе си Господин на патиштата како што си бил некогаш, во своето време… Сведок на период кога во Македонија се произведуваа едни од најдобрите автобуси! Достојна возраст за активна пензија во ЕКО ФАП, каде ќе служиш на Охрид како и до сега! Ќе бидеш достојно третиран бидејќи си дел од голема историја“, напиша на својот ФБ профил, Горан Устијаноски, дел од здружението ЕКО ФАП.

Инаку ЕКО ФАП е доброволно противпожарно еколошко и хуманитарно здружение. Ова здружение дејствува доброволно и организира еколошки акции за расчистување диви депонии во градот Охрид и во околината. Исто така, организира самоиницијативно учество во гасење пожари, помош на населението при елементарни непогоди и хаварии на вода и давање помош на социјално загрозени семејства. Тие изминатиот период се познати во јавноста со тоа што постојано на доброволна основа расчистуваат локации во Охрид, на кои има мини депонии. Но, ова здружение нема само еколошка цел, туку и противпожарна. Нивна цел е Охрид конечно да добие и противпожарен брод.

Неодамна тие добија донација од Град Скопје, на едно противпожарно возило и две мобилни лафетни млазници. Преку оваа донација, ЕКО ФАП има можност да ги прошири своите активности. Целта е оптимално одговарање на предизвиците при расчистување на дивите депонии на брегот на Охридското езеро и во Националниот парк Галичица.

Мобилните противпожарни млазници, пак, би биле употребени во опремување на противпожарен брод во рамките на здружението.

фото: ФБ Горан Устијаноски

Close