Шест совети за безбедно купување на интернет

Денес преку интернет можете да купите секакви производи и услуги – од облека од глава до петици и спортска опрема, преку патувања, сместувања, карти за настани, музика, книги, уметнички дела, па се до намештај за вашиот дом и покуќнина, и секако да ги плаќате вашите сметки со неколку кликови од дома наместо да одите на шалтери по институциите. Пандемијата на ковид-19 која веќе цела година ни наметна поинаков начин на живеење, уште повеќе го зголеми купувањето преку интернет насекаде во светот, и онлајн нарачките станаа сечие секојдневие дури и за најосновните човекови потреби како што се набавување на храна и нарачки на јадења доставени на домашна адреса. 

Како што продажбата на интернет насекаде рапидно расте, така е потребно да се зголемува и довербата на луѓето кон интернет страниците преку кои купуваат. Постојат страници чија безбедност за купување е беспрекорна поради нивната долгогодишна традиција и самата огромна бројка на задоволни купувачи е нивна главна алатка за доверба. Такви страници се Amazon, e-Bay, AliExpress, Booking и уште илјадници други интернационални страници на кои луѓето им веруваат да ги остават своите лични податоци без сомнение дека можат да бидат злоупотребени. 

Но, што со локалните интернет страници, од кои на пример, сакаме да купиме намирници од супермаркет или да нарачаме оброк за ручек? Денес скоро секој производител на одреден  производ поседува своја онлајн продавница (webshop), повеќето имаат и сопствена апликација за паметните телефони која дополнително ја поедноставува процедурата на купувањето. Ова се главните и основни совети кои треба да ги применувате кога купувате на интернет:

Проверете ја интернет страницата на која купувате

Доколку страницата на која купувате почнува со ознаката https:// и пред оваа ознака стои едно затворено катанче, тогаш можете да бидете безгрижни бидејќи податоците кои ги внесувате на таа интернет страница се сигурни. Кликнете на катанчето и ќе ви се појави прозорец со податок за сертификат за сигурност на страницата. Ако забележите дека страницата не содржи “s” во ознаката со која започнува, односно е http// и до неа стои црвено отклучено катанче, тогаш знајте дека оваа страница не е безбедна и не купувајте на неа, односно не оставајте свои податоци. Колку и да ви е познат производот или брендот кој ваквите страници го продаваат, можноста дека вашите податоци ќе бидат злоупотребени е голема.

Истотака, доколку адресата на интернет страницата постане зелена, тогаш слободно купувајте, на безбедна страница сте. 

Дополнителна безбедносна проверка никогаш не штети

Обрнете внимание, при плаќањето на интернет, какви безбедносни механизми ви се нудат. Секогаш е побезбедно да купувате кај трговци кои имаат имплементирано дополнителен механизам за автентификација кој подразбира да добиете еднократна лозинка / код во порака на вашиот мобилен телефон за да се потврди дека картичката со која се плаќа е во рацете на вистинскиот сопственик. Секако имајте предвид дека за да ги користите поволностите на овој дополнителен безбедносен протокол важно е и вашата банка да го има имплементирано овој механизам за автентификација.

Во никој случај не ги праќајте вашите податоци од кредитната картичка до продавачот преку маил, а особено не вашиот пин код. Истотака, имајте на ум дека ниту една интернет продавница нема потреба од ваши лични податоци како датум на раѓање или матичен број. Внесување на ваков тип на лични податоци можат да бидат злоупотребени од хакери кои крадат идентитети.

Имајте силни лозинки / strong passwords

За да остварите купување на интернет страница или преку апликација, морате да направите сопствен профил во кој ќе влегувате со лозинка која самите ќе ја креирате. Оваа лозинка треба да биде сложена, односно да содржи големи и мали букви, броеви, симболи, интерпункциски знаци и да има најмалку 8 карактери. Одвреме-навреме менувајте ја лозинката.

Не купувајте на хотспот мрежи

Избегнувајте да купувате кога сте закачени на јавни хотспот интернет мрежи, како на пр. на аеродром, во трговски центри, во кафетерии или ресторани каде има слободни мрежи, ниту пак да користите интернет банкарство, бидејќи податоците кои ги внесувате може да бидат следени и злоупотребени. Затоа, најбезбедно е да купувате од дома. Во краен случај, користе го вашиот паметен телефон како личен хотспот, но никако не користете слободна wi-fi мрежа.

Информирајте се за интернет трговецот

Истражете малку за трговерцот од кој сакате да купите производ или услуга: дознајте ги неговите основни податоци – адреса, телефон, емаил; прочитајте коментари за интернет страницата, што други купувачи велат за производот и какво е нивното искуство со плаќање на таа интернет страница. Слободно поставувајте прашања до трговецот или до ругите купувачи во делот за коментари. Не заборавајте да прочитате и да се информирате и за политиката за плаќање на страницата, за продецурите за враќање на средства доколку дојде до тоа, како и за начинот и трошоците за достава на производот. 

Внимавајте на кои „жешки понуди“ верувате

Доколку одредена понуда ви изгледа премногу добра да биде вистинита, обично е така. Не е вистинита. Внимавајте да не бидете излажани од трговци кои на своите интернет страници продаваат Ray Ban очила за сонце за „само 19 долари“, а претходната цена била 140 долари. Или пак кога некој трговец се обидува да ви продаде iPhone 12 за 200 долари. Правете споредба на цени. Впрочем, тоа е една од предностите на купувањето преку интернет: да ја најдете идеалната понуда по цена и квалитет само со неколку кликови. 

 

Извор/фото:Агенции

Close