Од утре слободен влез во Хрватска за вакцинирани против Ковид-19

Вакцинирани со обете дози на вакцината, вклучително и кинеската и руската, и оние кои прележале Ковид-19 во последните шест месеци од утре ќе можат да влезат во Хрватска без негативен ПЦР тест, но ќе се овозможи и влез со негативен брз антиген тест, признаен во ЕУ.

– На ниво на ЕУ, во моментов нема заклучок за вакцините кои не се регистрирани во рамки на ЕУ. Кога ќе дојде на дневен ред, ќе се донесе заеднички став и тогаш ќе се прилагодиме на таа одлука. Дотогаш, што се однесува до Хрватска, за нас е важно вакцината, и руска и кинеска, да е една од оние што се користат, изјави министерот за внатрешни работи на Хрватска Давор Божиновиќ, на прес-конференцијата на Националниот штаб за цивилна заштита.

Директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје Крунослав Цапак рече дека е утврден период од 14 дена по втората доза на која било вакцина за преминување на границата затоа што „14 дена по втората доза на вакцината, се развива максимален имунитет кој останува стабилен”.

Со одлуката за ограничување на преминот на државната граница, која ќе стапи во сила во четврток, 1 април, покрај потврдата за вакцинација со обете дози на вакцината, оние што имаат потврда за инфекција со коронавирус во последните шест месеци ќе можат да влезат во земјата без негативен тест.

Сите други ќе мора да приложат негативен ПЦР тест, а ново е дека ќе биде неопходен брз тест признат од ЕУ.

Поради влошување на епидемиолошката состојба, од утре се забрануваат тренинзите во затворени простории, освен за врвни спортисти, како и работата на детските игротеки.

Националниот штаб допрва ќе го разгледува предлогот на Штабот за цивилна заштита во Загреб за задолжително носење заштитни маски на отворено.

Извор/фото:Агенции

Close