Во Албанија над 100 илјади вакцинирани против Ковид-19

Заклучно со вчерашниот ден во Албанија вакцинирани се над 100.000 лица, објави на Твитер министерката за здравство, Огерта Манастирлиу, додавајќи дека „светлината на крајот од тунелот се приближува секој ден и се побрзо“.

-100 илјади вакцинирани до вчера. 100 илјади повеќе заштитени животи. Секој ден и се побрзо светлината се приближува кон крајот на тунелот“, пишува Манастирлиу.

Премиерот Еди Рама при посетата на градот Лач, каде од блиску го следеше процесот на вакцинација, најави дека целта е да прават по 30 илјади вакцини дневно и до крајот на мај со имунизацијата да бидат опфатени пола милион албански граѓани.

Денеска е четвртиот ден од масовната вакцинација низ целата земја за лица на возраст над 70- годишна возраст, а тековно во сите здравствени центри во земјата се вакцинираат просветни работници и вработени во градинките.

Министерката најави дека во текот април ќе пристигнат уште 20 илјади дози вакцина од компанијата „Фајзер“.

 

Извор/фото:Агенции

Close