(ФОТО) Две интервенции на ПСС во еден ден, спасуваа повредено момче кај Лабино и домашно милениче

На 21.02.2021 год. (недела), во 16:35ч. од страна на Итната Медицинска Помош Охрид, беше побарана асистенција од Планинскара спасителна служба (ПСС) при интервенција на повредено момче во месноста „Лабино“, кое поради невнимание и подлизнување, се здоби со сериозна повреда во пределот на левото колено. Поради непристапноста на теренот за возилото на Итната Медицинска Помош, Планинската Спасителна Служба ги алармираше  своите волонтери, од кои дел, за среќа живеат во непосредна близина и први стигнаа на местото со приватен пловен објект. Истите ја пренесоа и лекарската екипа, која на повредениот веднаш му укажа лекарска помош за намалување на болките, додека пристигнуваше другиот тим од ПСС со специјализирана опрема за имобилизација и безбеден транспорт. По комплетната имобилизација, повредениот со помош на пловниот објект, беше пренесен до возилото на ИМП и понатаму транспортиран до Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ Охрид, на понатамошен третман. Акцијата заврши во 17:20ч, објави Планинскара спасителна служба (ПСС).

Еден час подоцна, во 18:20ч. дежурниот СОС телефон на ПСС повторно заѕвони, но овој пат со пријава и молба за спасување на домашно милениче, мачка, која се качила на дрво, на 15-ина метри висина и веќе четврта вечер не може да слезе. Повторно беше мобилизиран тим од Планинската Спасителна служба, кој се упати кон овоштарникот, во близина на манастирот Св. Наум, каде во 20:00ч. успеа безбедно да го спушти миленичето од високото дрво и да ги смири видно загрижените сопственици.

Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, му посакува брзо закрепнување на повреденото момче и радосни мигови за сопствениците на мачето.

извор: Планинскара спасителна служба (ПСС)

фото: Планинскара спасителна служба (ПСС)

Close