На денешен ден е роден Христо Узунов

Христо Узунов е роден на 22 февруари 1878 година во Охрид. Татко му бил учител и активно вклучен во револуционерното движење. Неговата мајка била по потекло од семејството на преродбенскиот деец Ѓорѓи Чакалов од Струга. Христо Узунов своето образование го започнал во родниот град. Kако ученик на Солунската гимназија пристапил во ВМРО и раководел со револуционерен кружок. По завршувањето на гимназијата, неколку години учителствувал во Охрид.

Според некои документи, се смета дека Христо Узунов во револуционерната организација се вклучува во 1896 година заедно со Методиј Патче. Така, Христо Узунов бил и раководител односно организатор на ТМОРО во Охридско и Струшко. Прогонуван од турската власт, на двапати бил затворен во Битола. На познатиот Солунски конгрес на Организациjата во 1903 година била донесена одлука да се крене востание. Конгресот на округот пак, бил закажан во селото Смилево, на 1 маj 1903 година. На него охридскиот воjвода Христо Узунов, коj jа предводел делегациjата на Охридската револуционерна околиjа, предложил, поради недоволната организираност и слабата вооруженост да не се крева востание, во кое не успеал. По задушувањето на востанието, во охридскиот краj останал воjводата Христо Узунов, коj по одредено време минато на Смилевската планина, во декември 1903 година се вратил во своjата околиjа за да ги обнови растурените комитети на Организациjата. Во текот на 1904-1905 година Узунов главно својата активност ја насочил во организирање борба против присутните пропаганди, како и за разрешување на идеолошко-теоретските проблеми со кои се соочувала Организациjата.

Благодарејќи на него, за илинденското востание се знае многу повеќе, отколку за другите востанички реони. Тој регистрирал сѐ, го бележел името на секој загинат востаник, на секој убиен селанец, на секој предавник кого организацијата го осудувала на смрт. Денес се познати имињата на сите 478 лица од охридско-струшкиот крај кои загинале во востанието. За големата посветеност на македонското дело на Христо Узунов зборува и неговата средба со селаните од село Куратица, веднаш по трагичниот крај на востанието:

„Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Нашата земја се натопи со пепел и крв, и за сѐ знаете, јас сум виновен. Еве ви се предавам, убијте ме, предајте ме, што сакате правете со мене.”

А потоа востаниците ќе му одговорат:

“Не, ти не си виновен. Ако раководството даде решение ние повторно ќе се кренеме.”

Христо Узунов за неуспехот на востанието чувствува голема грижа на совеста. Неговиот сограѓанин Огненов во едно писмо ќе му напише:

“Брату Арсение(надимак на Христо), тие за тебе имаат повеќе од добро мислење (се смета за сограѓаните), те сметаат за идеален, особено по заминувањето на твоите другари за Бугарија. Сите со гордост го споменуваат твоето име и се чувствуваат особено привилегирани ако некој од нив зборувал со тебе…”

Христо Узунов бил многу револтиран од заминувањето на другите членови во Бугарија, иако тој никогаш не престојувал во Софија, туку останал во татковината каде настојувал борбите да продолжат.

На 24 април 1905 година, од Крушево заминал за кичевско, придружуван од страна на 14 соработници и револуционери, добро вооружени четници и двајца војводи, Ванчо Србаков и Пецето сѐ со цел да го исполнат решението за егзекуција на петнаесетмината ренегати во една ноќ. Но,во кичевското село Цер биле опколени од многуброен турски аскер со артилерија. Тие не примиле никаква помош па биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. Војводата Ванчо Србаков решил на свој ризик, со фрлање на бомби да се обиде да се пробие низ огнот, во кој сепак не успеал. За да не им паднат живи во рацете на Турците живи , тој и неговите 13 соборци се самоубиле.

Close