Постигнат привремен договор со Иран: ќе се следи нуклеарната програма, но со ограничен пристап

Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија постигнаа привремен договор за продолжување на активностите за верификација на таа агенција во иранските нуклеарни постројки, изјави генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, по разговорите со иранските власти во Техеран.

„ Интензивните консултации доведоа до добри резултати. Постигнат е привремен технички договор. МААЕ ќе продолжи со потребната проверка и следење во Иран”, напиша Гроси на својот профил на Твитер.

Како што следува од заедничката изјава на Иранската организација за атомска енергија (АЕОИ) и МААЕ, Иран ќе продолжи да ги спроведува своите обврски согласно договорот за заштита со МААЕ.

АЕОИ и МААЕ исто така постигнаа билатерален технички договор што ќе биде во согласност со барањата на иранскиот закон за суспендирање на употребата на Дополнителниот протокол на Иранскиот договор за заштита со МААЕ.

Договорот ќе стапи на сила утре (23 февруари) и ќе ѝ овозможи на МААЕ да продолжи со потребната проверка и следење до три месеци.

Рафаел Гроси вчера и завчера го посети Техеран за да разговара за понатамошен развој на соработката со АЕОИ во врска со инспекциите во иранските нуклеарни постројки во рамките на Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA).

 

Извор/фото:Агенции

Close