Владата ја усвои Програмата за економски реформи 2021-2023

Владата ја усвои тригодишната стратегија за структурни реформи – Програма на економски реформи (ПЕР) 2021-2023, соопшти Министерството за финансии. Програмата, чија подготовка ја координира Министерството за финансии, ја содржи среднорочната макроекономска и фискална рамка, како и структурните реформи што треба да се спроведат, а кои се утврдени преку заеднички дијалог со Европската комисија.

Како што наведува во соопштението, овoj стратешки документ e исклучително важен дел од пристапниот процес кон Европската Унија.

Во Програмата за економски реформи 2021-2023 се опфатени 20 приоритетни мерки (реформски области), кои треба да се спроведат во наредните три години во насока на реформа на пазарот на енергија и транспорт, развој на земјоделскиот сектор, подобрување на деловното окружување и намалување на сивата економија, поддршка на истражување, развој и дигитална трансформација, регионално економско поврзување, образование и вештини, социјална заштита и инклузија, како и здравствена заштита.

Од аспект на реформата на пазарот на енергија и транспортот предвидени се мерки за зголемување на конкуренцијата на пазарот на електрична енергија, промоција на обновливи извори на енергија, подобрување на енергетската ефикасност и имплементација на интелигентен транспортен систем долж паневропскиот Коридор 10.

Close