Путин: Не сум сопственик на луксузна палата, ништо од она од филмот на Навални не е мое

Рускиот претседател Владимир Путин денес демантираше дека е сопственик на луксузната резиденција за што го обвини притворениот опозиционер Алексеј Навални.

„Не сум го видел тој филм, немав време. Ништо од тоа што е во филмот прикажано како мое не ми припаѓа, ниту мене ниту на моите блиски“, кажа Путин во разговор со студенти, зборувајќи за новиот филм на Фондација против корупцијата на Навални, објавен на Јутјуб.

Документарецот во Русија и во светот наиде на голем интерес, а во рок од само два дена видеото било изгледано повеќе од 86 милиони пати, од што 40 милиони во Русија.

Во двочасовниот филм Палата за Путин кој, како што тврди Навални, пред сè зборува за митото, детално е покажан величествениот имот на брегот на Црното Море со површина од речиси 18.000 квадратни метри.

Авторите на филмот тврдат дека околниот простор е речиси 40 пати поголем од Кнежевството Монако и дека објектот наводно чинел 100 милијарди рубљи (околу 1,2 милијарди евра).

Според тврдењата изнесени во филмот, палатата ја финансирале руските државни компании Роснефт и Транснефт, кои и двете ги водат блиски пријатели на Путин – Игор Сечин и Николај Токарјев.

Демантот на рускиот претседател следи два дена по протестите одржани во повеќе од 100 града низ земјата во знак на поддршка на Навални.

Во Москва негово пуштање на слобода бараа над 20.000 луѓе.

Одѕивот на протестите се зголеми по објавувањето на спомнатото видео.

По петмесечниот престој во Германија, каде што се лекуваше и заздравуваше од последиците на наводното труење со нервниот агенс новичок, Навални на 17 јануари се врати во Русија и веднаш беше уапсен поради кршење на условната слобода.

Close