Навални објави филм за Путиновата палата вредна милијардa долари

Дури и во притвор во предградие на Москва, Алексеј Навални и понатаму е трн во око на рускиот претседател Владимир Путин.

Неговиот тим завчера објави резултати од големата истрага што се бавеше со богатството на Путин и ѝ овозможи на јавноста за прв пат да ѕирне во наводната палата на Путин на Црното Море.

Документарецот, објавен заедно со истражувањето, за еден ден на Јутјуб го прегледале 22 милиони луѓе.

Истрагата содржи обвинувања за разгранета корупциска шема поврзана со, како што велат, имотот на Путин во вредност од 1,4 милијарди долари

Руските власти негираат сè: „Ова е повторување на стара приказна. Ако не се лажам, во 2017 или 2016 година, првично се појави приказната за таканаречената Путинова палата во Геленџик. Тоа не е точно. Не постои палата, тој не е сопственик на никаква палата“, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, пишува Си-ен-ен.

Приказната за овој имот првпат се појави пред десетина години кога претприемачот Сергеј Колесников објави отворено писмо во кое го повика тогашниот претседател Дмитриј Медведев да ја запре корупцијата што ја финансира изградбата на палатата.

Извештајот и двочасовниот документарец објавен од Фондацијата за борба против корупција (ФБК) на Навални нудат опсежен увид во палатата. ФБК тврди дека од подизведувачите добиле детални нацрти на имотот, како и список на купен мебел и фотографии од примероци на подовите. Со помош на собраните документи и фотографии, изградиле 3Д-модел на ентериерот.

„Ова е како држава во држава во која владее вечен цар”, рече Навални во документарниот филм. „Направена е така што никој не може да ѝ пристапи од копно, море или воздух. На илјадници луѓе кои работат во палатата им е забрането да донесат дури и едноставен мобилен со камера, но ние ќе ѕирнеме внатре”.

Истрагата на Навални тврди дека имотот има површина 39 пати поголема од површината на Монако, пишува Би-би-си.

Според плановите, самиот дворец има 17.691 квадратни метри и се состои од 11 спални соби, неколку дневни соби и сали, приватен театар, кино, казино, две бањи, турска бања, пекара и „валкана просторија“ со непозната намена.

Собите имаат мермерни подови и столбови, а таванот има раскошни украси направени по примерот на кралските палати во Санкт Петербург. Опремени со кадифе и богати теписи.

Тимот на Навални тврди дека трошоците за изградба на палатата вртоглаво се зголемиле поради постојаните реновирања. Веднаш на почетокот, се појавиле проблеми со вентилацијата и високата влажност, поради што настрадале многу делови од луксузниот ентериер.

Палатата се наоѓа на земјиште од 68 хектари, но вистинската големина на имотот е до сто пати поголема, велат тие. На имотот, наводно му е припоено земјиште за кое тврдат дека припаѓа на ФСБ, Федералната служба за безбедност на Руската Федерација. Земјиштето на ФСБ наводно има 70 квадратни километри.

Судејќи според видеото снимено од ФБК со дрон, имотот има подземно игралиште за хокеј, приватна црква, амфитеатар и стаклена градина од 2.500 квадратни метри.

Close