Матурантите најавуваат дека ќе си го продолжат зимскиот распуст

„Од четврток, 21 јануари 2021, матурантите ќе ‘продолжат’ со зимскиот распуст со бојкотирање на наставата сè додека нашите барања за модификација на содржината на државната матура не бидат прифатени од образовните органи. Придружете ни се!“, со оваа порака упатена и преку Фејсбук, претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи ги повика матурантите на бојкот на наставата.

Во соопштение издадено претходно, Сојузот на средношколци информира дека е донесена одлуката да се започне со бојкот на часовите во четвртата година од четврток, 21 јануари 2021 година додека не се исполнат условите за полагање на испитот за државна матура.

„Одлуката за бојкот дојде откако образовните институции, односно Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар покажаа дека не се подготвени да соработуваат со нас и да прифатат наши барања за да се постигне успешна реализација. Ги покануваме сите матуранти да ни се придружат”, се вели во соопштението.

Ходаи вели дека наместо четири предмети, бараат да се полагаат два предмета, од кои едниот ќе биде задолжително мајчин јазик – македонски, албански, турски, а вториот е проектен предмет. Нагласува дека во многу западни земји, поради пандемијата, полагањето на матурата е сведено на еден предмет, а во Франција, заради пример, тој предмет е по избор на самиот ученик.

Close