(ФОТО) ЈП Охридски комуналец ги расчистува сообраќајниците низ Охрид

Снег вее на цела територија на Македонија. Попладнево интензивни врнежи од снег и во Охридскиот регион. Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ вечерва преземаат интензивни активност за расчистување на снегот од коловозите, тротоарите, пешачките патеки и останатите јавни површини во градот.

За поголема ефикасност на теренските активности, ставени се во употреба и новите Моторни чистачи за снег со дувалка, кои неодамна ги набави Општина Охрид.

Инаку сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, а снег вее на цела територија на Македонија, информираат од Авто-мото сојузот (АМСМ).

Од таму додаваат дека поради снежни врнежи воведена е забрана за движење на камиони на патниот правец, крак Маврово-Дебар.

Според информација од ЈП Македонија Пат, сообраќајот на патниот правец А3 Кочани – М. Каменица, на делницата од Истибања до брана Калиманци, кај местото Ајдучки Камен, е целосно во прекин поради одрон.

За лесните патнички возила сообраќајот се пренасочува преку регионалниот патен правец Кочани – Виница – Бигла – Делчево.

Тешките товарни возила и автобуси се пренасочуваат преку регионалниот патен правец Кочани – Виница – Берово – Делчево.

Од АМСМ ги потсетуваат возачите дека на сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15. март годинава.

Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони.

Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Close