Тавила: КОВАКС вакцините наскоро ќе пристигнат

КОВАКС вакцините многу скоро ќе пристигнат во земјава, а први ќе се вакцинираат здравствените работници, согласно одлуката на Комисијата за заразни болести и на Владата, изјави шефицата на Канцеларија на СЗО во Скопје, Џихан Тавила.

– Вакцините треба да пристигнат. Потребни се многу подготовки кои треба да се случат Имаме работа со позната методологија, која е безбедна и ефективна. Вакцината прво ќе ја примат приоритетните групи. Согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во земјава и на Владата тоа ќе бидат здравствените работници, што е случај и со сите други земји во светот. Треба да разберете дека е почнато со заштитата. Ќе биде потребно време за таа да биде доволна за сите. Но, можам да ве уверам дека Владата и земјата прават се за да бидат заштитени сите во земјава, изјави Тавила по предавањето донацијата од СЗО во институтите за судска медицина и за микробиологија, одговарајќи на новинарско прашање зошто се уште ја нема вакцини против коронавирусот во земјава.

Таа појасна дека ситуацијата околу вакцинацијата е различна во секоја земја.

– Оваа вакцина се користи за итна вакцинација, а не како другите регуларни вакцини кои доаѓаат на пазарот. Тоа значи дека е потребно многу внимателно следење и проучување од страна на Владата, за да се обезбеди дека се применува вистинската вакцина, појасни претставничката на СЗО во земјава.

Таа смета дека не се оправдани оценките дека КОВАКС механизмот не функционира.

– На знам на какви информации ја темелите ваквата оценка дека КОВАКС не функционира. Ние имаме информации дека КОВАКС вакцините ќе пристигнат многу скоро. Министерството за здравство работи со КОВАКС системот и со УНИЦЕФ да се осигура дека вакцините ќе пристигнат во догледно време, вели Тавила.

Close