Експертите на СЗО влегоа во Вухан

Тим експерти од Светската здравствена организација денеска влегоа во Вухан, од каде започна да се шири коронавирусот. Целта на нивната посета на овој кинески град е испитување на потеклото на вирусот.

Официјален Пекинг ја оспори намерата на СЗО да го испрати својот тим во Вухан, но со многу перипетии, тој тим на експерти сепак доби зелено светло.

Веста за влезот на тимот на СЗО во Вухан ја објави кинеската државна телевизија. Тимот ќе помине околу еден месец во тој град, вклучително и две недели во карантин.

Петр Бен Ембарек, водечки експерт на СЗО за болести на животни кои се шират и на други видови, води тим од 10 независни експерти. Виетнамскиот биолог Хунг Нгуен, кој е дел од тимот, за Ројтерс изјави дека не очекува ограничувања на работата на групата во Кина.

По завршувањето на карантинот, тимот ќе помине две недели испитувајќи луѓе од истражувачки институти, болници и пазари на морски плодови во Вухан, каде се верува дека се појави нов патоген, додаде Хунг.

Close