Рама: Вакцините пристигнуваат во третата недела од јануари, ќе донираме и за Косово

Премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека се обезбедени 500.000 дози вакцина на Фајзер против коронавирусот и дека земјата ќе донира одредена сума за Косово.

Рама во видео порака рече дека првите дози на вакцината, вкупно 10.750, ќе пристигнат во Албанија „на почетокот на третата недела од јануари“, а другите дози ќе бидат доставени во февруари.

„Ова е најдобриот можен почеток на годината“, рече Рама.

Тој ја критикуваше Европската унија, која, како што рече, ги остави настрана земјите од Западен Балкан кога станува збор за набавка на вакцини против вирусот корона и истакна дека Албанија „нема да му сврти грб на Косово“.

„Донираме одредена сума на Косово со цел да ги вакцинираме здравствените работници во болниците во Приштина, така што хероите во Косово можат да започнат вакцинација истовремено со нашите херои“, рече премиерот на Албанија.

Тој исто така изјави дека ги замолил официјалните лица на Министерството за здравство во Албанија да контактираат со нивните колеги на Косово.

Close