Георгиески: Во знак на најискрена почит кон мојот драг пријател и колега, прерано починатиот Д-р Драган Спасески Охридски

Беше зимата 2004 година кога како млад лекар почнав да работам во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо во Охрид. Од првиот ден Драган ме прифати како млад колега, кој што му требеше адаптација во една нова средина. Секогаш во вторник бевме заедно на амбуланта и после напорниот ден во неговиот кабинет разговаравме за сите пациенти кои сме ги прегледале и тие долги разговори отпосле переминуваа во едно филозофско научни, културни дебати со часови кој што секогаш завршуваа со неговиот брилијантен ум и неговите несекојдневни идеи и размисли.

Беше навистина човекот од кој што можеше многу да се научи. Човек со кој се консултирав кога ги носев едни од најкрупните мои одлуки и така кога одлучив да запловам во друга професионална кариера, одлучив да работам во приватното здравство, почнав да правам своја ординација, Драган беше секојдневно со мене, ми помагаше со својот етички дух, со совојот ликовен и естетски карактер во уредувањето на просторот.

Кога дојде време, го прашав Како ќе ја крстиме ординацијата, тој ми рече “Дарон”. Зошто го прашав ја.Затоа што тоа е Богот на здравјето кај античките македонци. Така мојата ординација го доби името “Дарон”.

Драган Спасески Охридски беше врвен професионалец, но и уметник, естетичар, филозоф и поет. Времето поминато со него беше другарување со еден исклучително начитан човек со широки погледи и познавања на многу области на општествениот, политичкиот, културниот живот и беше навистина привилегија да се има тој човек за пријател.

Беше сестран и бележит интелектуалец, хуманитарец и човекољубец и беше длабоко навлезен во идејата на лојализмот каде што ме повлече и мене заедно со “Лајонс клубот” од Охрид реализиравме повеќе хуманитарни активности.

Чест беше да бидеш пријател и да се дружиш со Драган Спасески Охридски. Постојано да се потсетуваш на неговите размисли кога носиш тешки и важни одлуки. Да се стремиш кон повеќе и подобро, но во исто време да бидеш приземен и скромен како што честопати умееше да каже “Колку помалку тежиш толку повисоко леташ”.

Во книгата “Трите плочки” напиша: “Замина, немам сила да го пресечам местото “. Јас би додал тука:  Замина во еден друг спокоен свет и остави дела со кој што сите ние ќе се гордееме. Дела од огромно значење за Охрид но и за нашата држава и постојано ние како град и како луѓе ќе се навраќаме.

Драг пријателе, нека ти е вечна славата и мирна душата.

 

https://www.facebook.com/KonstantinGeorgieski7/videos/433783960953291

Close