По коронавирусот во Кина сега се шири норовирусот

Во југозападната кинеска покраина Сичуан се шири норовирусот, со кој заразени се над 50 деца, јави агенцијата Анадолија.

– Вирусот се појави во градинка во градот Зигонг во покраината Сичуан, каде што децата пројавиле симптоми со повраќање, го цитира Анадолија „Глобал тајмс“.

Норовирусот е многу заразен вирус кој предизвикува повраќање и дијареа. Од вирусот, кој многу лесно се шири, може да се заразат лица на сите возрасти. Луѓето заразени со норовирусот можат да исфрлат милијарда честички на вирусот, а само неколку вирусни честички можат да ги заразат другите луѓе околу нив.

По епидемиолошките испитувања и тестови на нуклеинска киселина, Центарот за контрола на болести (ЦДЦ) потврди дека повраќањето е предизвикано од заразување со норовирусот.

– Сите деца се во стабилна состојба и се лекуваат во болница со благи симптоми, додаваат претставници на здравствениот оддел.

Во текот на минатиот месец вирусот се појави и во неколку училишта и универзитети во североисточната кинеска покраина Лиаонинг и северната кинеска покраина Шанси.

Засега нема вакцина против норовирусот.

Close