Пендаровски: Бугарските барања излегуваат од рамките на Договорот, шансите за решение се минимални

Шансите да се дојде до решение со Бугарија се минимални, но постојат. Станува збор за обид идентитетските прашања да се стават на преговарачка маса, а за тоа никој никаде во светот ниту преговарал, ниту ќе преговара, оценува претседателот Стево Пендаровски во интервју за Дојче Веле на македонски јазик.

Според Пендаровски, Декларацијата на бугарското собрание и меморандумот до ЕУ излегле надвор од рамките на договорот и „тука немавме маневарски простор, зашто барањата се однесуваа на прашања за кои не се преговара“.

На прашањето дали можеме воопшто да се надеваме на решение, во кое ќе нема вграден простор за натамошни „мини“ на нашиот интегративен пат, Пендаровски со став дека тоа не зависи воопшто од евентуалното решение на актуелниот спор, ако до тоа воопшто дојде.

„Ако не влегувате со добра верба при потпишување на договорот, секогаш може да измислите причина за да не го почитувате, а комплексноста на процесот на европски интеграции дава доволно процедурални можности за такви опструкции“, вели Пендаровски.

За него воопшто не било изненадување промената на бугарската позиција што почнала да се случува изминатата година поради што, како што вели, одржал низа состаноци со нашиот дел од комисијата на историчари и со професори и дипломати, познавачи на билатералните односи со Софија.

Close