Трамп: Ќе ја напуштам функцијата ако колеџот на електори гласа за Бајден

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на брифинг за новинарите во Белата куќа изјави дека ќе ја напушти функцијата ако колеџот на електори гласа за неговиот противкандидат Џо Бајден. 

По видео конференција со претставници на американската армија во чест на Денот на благодарноста, Трамп беше прашан дали ќе замине во случај гласањето на колеџот да не е во негова полза.  

-Секако дека ќе го сторам тоа. Знаете дека ќе го сторам, изјави тој. 

Тој, сепак, не ја признава победата на Џо Бајден, и во однос на можната судска разрешница со оспорување на изборниот резултат во повеќе држави кажа дека „многу работи можат да се случат од сега до 20 јануари“. 

На 20 јануари 2021 година е закажана инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД. За победник на неодамнешните избори во САД главните амњрикански медиуми го прогласија демократот Џо Бајден. 

Трамп најави дека во сабота оди во Џорџија да ја поддржи кампањата на републиканските сенатори Дејвид Пердју и Кели Лофлер, кои одат на втор круг гласање на конгресните избори на 5 јануари. 

Изјави дека на изборите во оваа држава „луѓето беа ограбени“, откако претставниците на државата ја потврдија победата на Бајден. Државниот секретар на ЏорџијаБред Рафенспергер, за него е „предавник“. 

Close