Во Хрватска од полноќ во сила стапија построги епидемиолошки мерки

На полноќ во Хрватска стапија во сила нови мерки против ширењето на коронавирусот, кои, меѓу другото, предвидуваат затворање на ноќните клубови и казината и ограничување јавните собири, свадбените церемонии и погреби.

Новите мерки беа донесени затоа што претходните не резултираа со намалување на бројот на заразени лица, што е важно за олеснување на болничкиот систем, и тие ќе се применуваат до 15 декември, соопшти Националниот штаб за цивилна заштита.

Мерките се однесуваат на ограничување на јавни настани и собири на 25 лица, наместо на 50 лица, како што беше досега, ограничување на свадбени церемонии на 15 наместо на 30 лица, додека на погреби може да присуствуваат најмногу 25 лица, наместо 30, а сочувството не смее да биде изразено со близок контакт, наведува агенцијата Хина.

Приватните свечености се ограничени на 10 лица, наместо на 15, а спортските натпревари може да се одржуваат без гледачи и со придржување кон мерките, како и досега.

Работата на ноќните клубови, казина и автомат клубовите е суспендирана, а другите угостителски објекти ќе бидат отворени до 22 часот, со истакнато известување за најголемиот број гости што можат да бидат во објектот.

Продавниците, исто така, ќе треба да посочат вакво известување за најголемиот број потрошувачи во нивните простории.

Close