Автопатот Охрид-Кичево требаше да чини 374 милиони евра, но цената достигна 600 милиони евра, анализа на институтот за демократија

Најмалку 10 милиони евра за еден километар автопат ќе ги чини граѓаните автопатот Кичево-Охрид, проект кој освен што доцни 3 години, стана и речиси двојно поскап од првичната замисла, а за него во Кривичниот суд се води судски процес за злоупотреба на службената должност и корупција. Институтот за демократија ја анализираше изградбата на овој автопат во истражувањето „Втурнати во ќорсокак: заблудената верба во кинескиот корозивен капитал за изградбата на автопатите во Северна Македонија“.

„Склучувањето на директни договори за капитални инфраструктурни проекти, без јавно наддавање го зголемува ризикот од корупција. Таков беше и договорот на тогашната влада со кинеската компанија ‘Синохидро’ за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, анализира Институт за демократија во истражувањето ‘Втурнати во ќорсокак: заблудената верба во кинескиот корозивен капитал за изградбата на автопатите во Северна Македонија’. Но и покрај тој ризик, ваквите навидум евтини и брзи кредити се примамливи за политичарите од Западен Балкан“, се вели во истражувањето.

Објавените прислушувани разговори во 2015 година од тогашната опозиција открија постоење на сомневања за корупција и злоупотреба на службена должност по што беше покренато обвинение. Сега згаснатото Специјално јавно обвинителство отвори предмет „Траекторија“ против четири службени лица, високи владини функционери и соопшти дека постои основано сомнение дека буџетот е оштетен за 155.117.172 евра. Правна разврска на судскиот процес сè уште нема.

На поранешниот премиер Никола Груевски му застаре делото во „Траекторија“, а обвинети се уште поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Автопатот започна да се гради на 22 февруари 2014 година. Кредитот за оваа капитална инвестиција беше земен од кинеската банка „Ексим“ и државата треба да го врати за 20 години. Во октомври 2013 година, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и кинеската компанија. Тогашната власт вети дека новиот автопат ќе биде готов за 4 години, во 2018 година, но во 2020 година, оваа делница е одвај половина завршена. Кинескиот изведувач „Синохидро“ сега има рок до 30 јуни 2021 година за да ја заврши изградбата на автопатот. Првите километри автопат меѓу Врбјани и Охрид најавено е дека ќе бидат пуштени во употреба оваа година.

Првичниот проект претрпе промени поради несовпаѓање на проектираната и изведената траса, градежните активности беа сопрени, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните. Властите велат дека вкупната реализација на проектот е нешто над 50%. Беше најавено дека автопатот долг 57 километри ќе чини 374 милиони евра, но цената со дополнителните анекси на првичниот договор досега достигна речиси 600 милиони евра.

 

 

Izvor >sdk.mk

Close