Филипче: За 1-2 недели очекуваме ефекти од рестриктивните мерки, па бројките да се намалуваат

Во изјава за медиумите тој кажа дека на скопските клиники се обезбедени болнички кревети, кадарот се ротира и целосно е мобилизиран. На интерните клиники има околу 100-120 слободни кревети со кадар кои секој момент може да згрижат ковид пациенти.

Филипче додаде дека Инфективното одделение во Гостивар е полно, но има места на Интерно.

„Очекуваме за една-две недели да ги видиме ефектите од рестриктивните мерки, бројките на новозаболени да се стабилизираат, па да се намалуваат“, изјави тој.

Според Филипче, ковид-центрите не се веќе само објекти, туку се целосно опремени за третирање пациенти.

На прашањето околу реакциите за најавата ученици од медицинските училишта да се вклучат во работата, Филипче изјави дека една од опциите е учениците да се вклучат во работата на одделенијата во кои не се третираат пациенти од ковид и најави разговори за следните денови.

Филипче му се заблагодари на медицинскиот персонал во Општата болница Гостивар и информира дека сите здравствени работници кои директно работат со ковид ќе бидат парично наградени. Средствата за оваа намена, рече, се обезбедени со ребалансот на Буџетот.

Close