Фронт 21/42 анализа: Власта го загрозува статусот на Охрид, но и нашиот статус на аспирант членка во Европската унија

Фронт 21/42 направи анализа за исполнувањето на препораките од УНЕСКО, која ја објавуваме во целост.

По објавата на последниот извештај за РСМ на Европската комисија, неисполнувањето на препораките од УНЕСКО, кои се основен предуслов за зачувување на Охридскиот регион и превенција од неговото запишување на листата на светски наследства во опасност, дефинитивно станува европско прашање:

„Преземени се неколку чекори за спроведување на заклучоците на УНЕСКО за природното и културното наследство на регионот на Охрид. Сепак, сè уште се потребни значителни напори, особено за да се спречи да се најде на листата на светско културно наследство во опасност“, се вели во Извештајот.

И во дипломатскиот речник на ЕК може да се забележи реално разочарување од постигнатиот напредок.

Зачувувањето на Охридскиот регион de facto е европско прашање: Охридското Езеро е најстарото езеро на европскиот континент, на чие подрачје се развивала една од најстарите населби на европската цивилизација, регионот е едно од само 7 мешовити (природни и културни) наследства во Европа, итн. ЕУ има целосно право да направи се што е во нејзина моќ за да зачува едно од своите ретки природни и културни богатства.

Во оваа насока, како придонес кон (суштинско/вистинско) приближување на земјава кон ЕУ, Фронт 21/42 направи анализа за исполнувањето на препораките од УНЕСКО, која ја објавуваме во целост.

Потсетување – големата измама во Баку

Во 2017 мисијата на УНЕСКО ја класифицира ситуацијата со природното и културното наследство во Охридскиот регион како ранлива и критична и даде 19 препораки поделени во кластери – итни, краткорочни и долгорочни.

За жал, од сите 19 препораки, досега е исполнета само препораката Македонија да се откаже од ски-центар на Галичица. И ова со напомена дека во моментов се изготвува План за управување со Галичица и сè уште не можеме со сигурност да тврдиме дека некоја верзија на овој проект (или некој друг подеднакво апсурден) нема да се појави повторно.

Во 2019 година, македонската влада го излажа УНЕСКО дека новиот Закон за управување со Охридскиот регион е усвоен, кога во суштина предлог-текстот беше само усвоен на влада, а самиот закон беше повлечен од собраниска процедура непосредно по Баку. Пред да го испрати во Собрание новиот Предлог закон, Владата се обиде да ги избрише членовите кои уредуваа градежна и урбана инспекција.

Ова не успеа затоа што ја алармиравме јавноста, тие членови ги вратија, но тоа што не знаевме тогаш, а го дознавме набргу по Баку, е дека Владата изменила други членови – оние кои го уредуваа составот на Советот кој треба да управува со светското наследство и начинот на кој ќе носи одлуки (внесувајќи Бадентеров принцип во изборот на дел од членовите и во носењето одлуки). Со ова наместо експертите, пресуден глас во одлучувањето добиваат членовите избрани врз основа на етничка припадност.

Овие измени беа направени зад затворени врати, јавноста во Македонија имаше на увид (објавен на Енер) поинаква верзија, за таа верзија беа организирани консултации со јавноста и јавна расправа, таа верзија јавноста ја коментираше. Јавно познатата верзија беше испратена и до Центарот за светско наследство, за истата Владата излажа дека ја усвоила и доби пофалба во Одлуката од Баку.

По бурната реакција на јавноста и нашето известување за задкулисно изменетиот Закон до Центарот за светско наследство и ЕУ – Законот е повлечен и од тогаш нема никаков абер за истиот.

Мотивот за измамата лежи во градењето

Најголемиот проблем беше и понатаму е градењето – планови за нови градби и нерешавање на проблемот со дивоградбите, односно спроведувањето на Препораките бр.6 и 9.

Наместо во Собрание да испрати Закон кој би наметнал вистинско спроведување на препораката бр.6 за мораториум, Владата го затвори новиот закон во фиока, а општинските власти (по налог на Владата) усвоија „Одлуки за мораториум“ – кои не само што имаа огромен број исклучоци, туку не содржеа никакви одредби за надлежен орган одговорен за спроведување на „мораториумот“. Со други зборови, немаат механизам за санкции доколку некој не ги почитува одлуките за мораториум и реши да гради. Сето ова нашата држава го прикажа како серија мерки за зачувување на светското наследство.

Под лупа: спроведување на Препорака бр. 6

Препораката бр.6 е клучна алка во целиот процес, и таа гласи: „Да се вoспoстави мoратoриум на сите крајбрежни и урбани трансфoрмации на пoдрачјетo на Светскoтo наследствo, барем дoдека не се изгoтват и усвoјат сите релевантни плански дoкументи (План за управување, урбанистички и крајбрежни мастер планoви базирани на ИУВ, итн.), и додека не се oдoбрат ефективни закoнски регулативи за заштита, како и ефективни механизми за кoнтрoла“.
Инаку, ова е итна мерка која УНЕСКО бараше да се спроведе најдоцна до фебруари 2018.

Наместо тоа, во фебруари 2018 нашата држава го поднесе официјалниот Извештај за состојбата на доброто за 2017 (до Центарот за светско наследство). Во истиот Македонија наведува дека не може да ја спроведе препораката за Мораториум поради „правни пречки“, но „спроведува политика на контролиран урбан развој“, благодарение на која во периодот ноември 2017 – октомври 2018 (од кога во државата има нова Влада, таа која го поднесува извештајот) не е усвоен ниту еден урбанистички план.

Во реалноста: немаше никакви правни пречки (напротив, неколку членови од неколку закони налагаа обврска да се прогласи мораториум), а во периодот ноември 2017-јуни 2019 беа иницирани и/или продолжени постапки за 28 урбанистички планови (16 од нив во периодот ноември 2017 – октомври 2018, кој се споменува во Извештајот на нашата држава). Дел од новите урбанистички планови беа: нов урбан комплекс во с. Трпејца; план за урбанизација на Елшани; нов, голем, туристички комплекс во Горица; план за нова индустриска зона (ниско-загадувачка индустрија) во Лескоец; план за нов (проширен) кеј, итн.

Истиот месец, на 6-ти февруари 2018, Владата на Република Македoнија, на 53. седница, усвoи Инфoрмација за текoт и прoгресoт на активнoстите за уредување на плажи на брегoт на Oхридскoтo, Дoјранскoтo и Преспанскoтo Езерo вo Република Македoнија. Информацијата се oднесува на пoтребата за приoретизирање на активнoсти за уредување на пoвеќе плажи, меѓу кoи се наведени и: Љубаништа (500м), Даљан (120м), плажа вo близина на Извиднички камп (120м), плажа на пoтегoт oд Студенчишкo блатo дo хотелот „Парк“ (700м) и плажа Дебарца.

Во Инфoрмацијата за напредoкoт на реализацијата на активнoстите за санација на пристаништата вo Свети Наум, Радoжда, Трпејца и Пештани, какo и за изградба на платфoрма кај Oхридскиoт аерoдрoм е наведен Заклучoк дека прoектната дoкументација е изгoтвена, а реализацијата ќе зависи oд oбезбедувањетo на средства oд Буџетoт на Република Македoнија.

Во реалноста ова значи продолжување на деструктивните проекти и планови на претходната власт и е во спротивна насока од прогласување мораториум за било каква урбана и крајбрежна трансформација. Испративме допис до Заев, со барање да се почитува препораката за мораториум. Не добивме одговор. Во текот на 2019, на средба во Охрид, Заев изјави дека лично ќе се заложи спорниот хотел во Лагадин да ја добие потребната дозвола, и дека општинските служби мора да најдат начин како да се продолжи со градење (и покрај правните пречки).

Како последица на ваквото „спроведување“ на препораките, што неминовно значи продолжување на деструкцијата на, веќе загрижувачки ранливите ИУВ – следеше препораката на експертските тела и Центарот за светско наследство во 2019 Охридскиот регион да биде впишан на Листата на светски наследства во опасност.

Општински мораториуми по налог на Владата за мачкање очи

По сесијата во Баку во јули 2019, каде македонските власти издејствуваа политичка, а не експертска одлука, Охрид да не отиде на листата на светски наследства во опасност, и беше даден дополнителен рок на државата да ги спроведе препораките и да извести за напредокот до 01.02.2020). Во исто време Општините Охрид, Струга и Дебарца усвоија „одлуки за мораториум“.

Во одлуките на општините т.н. Мораториум не се однесува на проектите и плановите кои имаат решение, како ни на серија други зафати (катни гаражи, паркиралишта, споменици, плоштади итн.). Мораториумот на општините не споменува ни можни трансформации „на мала врата“ и без учество на јавноста, како оние усвоени со општ акт (на пример планираната урбанизација на Елшани). Мораториумот не важи за проектите кои ќе поднесат барања до 09.08.2019 и оние кои веќе имаат дозвола (новиот кеј во Охрид, кој влегува 3 метри во езеро; сите приватни објекти кои ги исполниле овие барања); не важи за проекти кои ќе добијат решение за измени во тек на градба; не важи за катни гаражи, паркиралишта, спортски сали, споменици, плоштади и сл; не важи за реконструкција, адаптација и пренамена; не важи за барања за изградба и реконструкција на инфраструктурни објекти; итн. На 30.09.2020 година, општината ја дополни Одлуката за мораториум, односно се додаде дека истата не се однесува ниту на „отпочнатите постапки за оттуѓување на градежно земјиште.“

„Одлуката за мораториум“ на Струга (усвоена на 14.08.2019) е слична на таа од општина Охрид, плус во Струга „мораториум“ нема ниту за урбанистичките планови и проекти кои ќе добијат позитивно мислење од Комисијата за УНЕСКО. И Струга ја дополни првата одлука – на 12.11.2019 и додаде дека мораториумот не се однесува и за барања за: Измена и дополнување на текстуален дел на ГУП за град Струга; и за Исправки на технички грешки на усвоени ДУП-ови.

Слично е и со Дебарца, нивната „одлука за мораториум“ дополнително не важеше ни за изградба на објекти со намена А1 – домување во станбени куќи.

Ваквите одлуки кои не стопираат секаква урбана и крајбрежна трансформација – како што стои во препораката на УНЕСКО, општините одлучија да важат до донесување на Планот за управување со Охридскиот регион или најдоцна до 01.02.2020 година (а не до усвојување на сите релевантни планови, законска регулатива и ефективни механизми на контрола – како што се бара со препораката).

Сето ова нашата држава го прикажа како серија мерки за зачувување на светското наследство.

Покрај сите претходно наведени планови за градење и глумење мораториум, во моментов општина Охрид спроведува процеси за усвојување на 4 нови урбанистички планови, меѓу нив се и плановите за Коњско и Трпејца (и двата во склоп на Националниот парк Галичица). За новиот урбанистички план за Коњско општината организираше јавна расправа за Извештајот за стратегиска оцена на влијанието на планот врз животната средина – без да го објави планот!

Заклучок

Клучната Препорака бр.6 Македонија и македонските власти ја „спроведуваат“ со тоа што: продолжија (и продолжуваат) со крајбрежна и урбана трансформација; спречија (и сѐ уште спречуваат) носење на ефективна законска регулатива и механизми за контрола; во отсуство на ефективна законска регулатива (која регулира и носење и спроведување на План за управување со регионот) донесе План за управување со Охридскиот регион (во процес проследен со серија законски прекршувања); општините усвоија неефикасни одлуки со кои привремено се отежнаа дел од плановите и/или проектите за крајбрежна и урбана трансформација.

Доколку властите и Владата продолжат со политика на манипулација на сопствените граѓани и УНЕСКО, сега лагата станува поголема и ја вклучува и Европската Унија. За влада која целата државна стратегија ја базира на членство во ЕУ, која ветуваше прекин со деструктивните политики на претходната власт, оваа хипокризија и контрадикторност станува неиздржлива, и таа порано или подоцна ќе се сруши под товарот на институционалните лаги. Власта го загрозува статусот на Охрид, но и нашиот статус на аспирант членка во Европската унија.

Close