Здружението “Чекоштина урбан” Охрид со отворено писмо до градоначалникот

Нашиот предупредувачки протест, одржан на 9. 10. 2020 г. сепак го привлече Вашето внимание, за разлика од дотогашното неодѕивање на обидите за контакт. Непосредно пред одржувањето на протестот уследи Ваше соопштение преку медиумите. Прво сакаме да посочиме некои нејаснотии во него.

Во информацијата пренесена од медиумите (за жал, не го најдовме изворниот текст на веб страната на Општината) стои „населба“ Чекоштина. Една од причините заради кои се здруживме е и именување на овој простор како населба со свој уличен систем. Тогаш  би можеле во личните документи да ги запишеме нашите вистински живеалишта. Вака сме во постојан прекршок на Законот, со невистинити адреси во нашите документи! Зарем за ова е потребно да се предвиди позиција во буџетот?

Велите дека посочениот населен потег не е во рамки на утврдените урбани зони со уредено градежно земјиште, покривајќи се со договори со инвеститорите кои биле принудени да се согласат да градат без можност општината да им го уреди земјиштето. Ваквите договори се  во суштина уценувачки и претставуваат изигрување на Законот. Членот 97 на кој се повикувате овозможува ослободување целосно или на дел од надоместокот за уредување на земјиштето. Но таму се вели „по исклучок“, а не како решение да се „откачат“ од државата овие маргинализирани граѓани. По Закон, Општината е должна при урбанизацијата да води сметка за рамномерен развој на градот! Дали некој очекува граѓаните кои потпишале такви договори да пристапат кон експропријации на земјиштето потребно за заедничка намена? Апсурд! И тоа е една од причините заради која се здруживме.

Вашата информација се однесува само на делот од Чекоштина, опфатен со генералниот план и со постоечкиот ДУП. Воопшгто не се осврнувате на останатиот простор. Таму сепак живеат повеќе граѓани на Општина Охрид  кои се соочуваат со исти и поголеми проблеми. Откако уредно ги легализирале своите објекти и изградиле инфраструктура (вода, струја, пат), скапо платена од свои пари, сега се соочуваат со филозофија „доста ви е што ефтино поминавте“! Напротив, скапо е платена минималната инфраструктура.

 Добро е познато дека имаше обид да се урбанизира голем опфат на овој простор, но тој неславно заврши, се заборави. А и на секој лаик му е јасано дека овде се работи за огромни можности за урбан развој на Општината. Впрочем, зошто не се произнесовте по чл. 30 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кој вели:

Единиците на локалната самоуправа се должни урбанистичко-планската

документација со која се врши вклопување на бесправните објекти да ја донесат

во рок не подолг од пет години од денот кога решението за утврдување на правен

статус станало конечно.

Повеќе објекти, живеалишта, го стекнаа тој статус пред наведените пет години! Зошто не го спроведувате  Законот? Треба ли и овде да продолжат да се решаваат проблемите „каубојски“ и да добиеме нов урбанистички чир какви што ги имаме во градот? Животот не може да чека. Требаат планови. Ама и реализација!

При единствениот разговор на кој се повикувате во информацијата, пријатно зучеа Вашите изјави дека „најдобро средство против дивите градби е урбанизацијата“ и дека „сега Општината е растеретена од долгови и ќе работи на тоа“. Ветивте дека ќе не посетите во најблиска иднина, заедно со стручна екипа, за да разговараме за состојбата, приоритетите, можностите и роковите. Не се сеќаваме дека сте зборувале за предвидувања во буџетот за 2021 год. Точно за тоа требаше, и треба, да зборуваме.

Повикувате на поединечни писмени барања за урбанизација според новиот Закон за урбанистичко планирање. Ние одамна Ве повикуваме да разговараме за таа проблематика! Како колективно тело на заинтересираните. Не е доволно да се исполни формата. И до сега по Законот за локална самоуправа и по статутот на градот постои Градски урбанистички совет, како партиципатвно тело. Кои се резултатите од неговата работа?

Се надеваме дека ова писмо ќе Ве поттикне да обрнете повеќе внимание на нашите маки и да почне вистинска соработка за заедничките цели за кое во информацијата велите дека сте отворени. Жалиме што сме принудени да разговараме преку медиумите и очекуваме во иднина да го добиеме заслуженото внимание и директна соработка.

Потребен е „мал чекор за Општината, голем за Чекоштина“!

Close