Денеска одлука за нови рестриктивни мерки по вчерашните високи бројки на заразени со КОВИД19

Комисијата за заразни болести денеска на состанок ќе одлучува за нови мерки. Министерот за здравство Венко Филипче вчеравечер изјави дека тие би вклучувале рестрикција на јавниот превоз, ограничување на работа на угостителски објекти, одредени економски субјекти, компании и секаде каде што се смета дека има ризик. Дел од мерките може да се таргетирани во некои општини, некои може да важат на територијата на целата држава. За воведување полициски час, рече, лично смета дека во овој момент е сè уште рано, но во даден момент и тоа може да биде предложено.

„Еден од најдобрите параметри коишто ги следиме е капацитетот во болниците. Иако има слободни места, капацитетот се исполнува. Само претходниот ден имаше голем број на приеми. Во функција е модуларната болница со дополнителните тимови. Болницата во Козле, исто така, е спремна. Но, гледаме дека се исполнуваат капацитетите и согласно со тоа можно е да предложиме и дополнителни рестрикции“, рече министерот за здравство.

Close