СЗО ПРЕДУПРЕДУВА: Воведете построги мерки или ќе има пет пати повеќе мртви

Развојот на пандемијата на ковид-19 во Европа е многу загрижувачки, иако ситуацијата не е како во март и април, предупреди европскиот огранок на СЗО.

– Бројот на случаи расте секој ден, како и бројот на приеми во болница. Ковид сега е петта причина за смрт и е достигнат прагот од 1.000 смртни случаи на ден, рече Ханс Клуж, директор на европскиот огранок на Светската здравствена организација, на онлајн прес-конференција. Тој ја истакна важноста на воведување нови мерки низ цела Европа за забавување на ширењето на коронавирусот.

Воведувањето на построги контроли за борба против инфекцијата со Ковид-19 може да спаси стотици илјади животи низ Европа пред февруари, бидејќи континентот се бори со експоненцијален пораст на инфекциите. Клуж ги наведе проекциите на „сигурни епидемиолошки модели“ и рече дека тие „не се оптимистички“ за европскиот регион.

– Овие модели укажуваат на тоа дека продолжените опуштени политики можат да ја зголемат, до јануари 2021 година, дневната смртност на нивоа од четири до пет пати повисоки од оние што ги забележавме во април, рече Клуж.

Повикувајќи ги владите брзо да се „активираат“ со цел да се потисне вториот бран на пандемијата на коронавирусите, Клуж рече дека сегашната состојба е „повеќе од кога било порано време на пандемија за Европа“, пренесува „Ројтерс“.

Close