Собранието на ФФМ е фалсификат – гласале делегати кои се избришани од Централен регистар!

Се чини навикнавме последниве неколку години Фудбалската федерација на Македонија да работи нестатутарно и спротивно на Законот, па не е изненадување ниту последниот потег на фотелјашите од Куќата на фудбалот – на денешното собрание да им дозволат да гласаат на четворица делегати од ОФС Тетово, кои се избришани од Централниот регистар, објави sport1.mk.

Веќе подолго време има подвоеност во ОФС Тетово, но пред неколку месеци, Централниот регистар пресече и ги избриша дотогашното раководство на чело со Фисник Исени. Но, тоа не беше пречка актуелната власт во ФФМ повторно нив да ги покани, па денеска во Охрид беа присутни, покрај Исени, и Дритон Муслиу, Мујдин Исмаили и Јовица Илиевски – сите нелегитимни претставници на ОФС Тетово. Ова значи дека Собранието е одржано на нестатутарен начин, со фалц делегати и ниту една одлука не може да биде важечка.

Но, и самиот почеток на седницата беше предзнак дека ништо не штима – па така немаше легитимен претставник од УЕФА зашто не дојде Давор Шукер, кој е член на Извршниот комитет. Се појави анонимен лик во името на Денис Баштари од Албанија, за кој не се знае каква функција има во Нион. Освен ова, на Собранието не беше присутен ниту претставник на Агенцијата за млади и спорт, која воопшто не била поканета, за првпат во историјата.

Но, тоа не значеше дека ФФМ нема да се пофали дека широко го отвора процесот за кандидатура на нов претседател иако тоа во реалноста воопшто не е така. Во еден од условите за кандидатура има член со кој кандидатот не мора да е делегат на Собранието, но мора активно да учествува во работата на членката која го предлага во изминатите четири години. Што само по себе е контрадикторно и служи само за замајување на јавноста и УЕФА дека процесот се отвора.

Секој заинтересиран кандидат, па меѓу нив и да има бивши фудбалери со богато странско искуство, не би можеле да се кандидираат затоа што не го исполнуваат главниот услов да работат најмалку четири години во матичниот општински сојуз или во самата федерација. Исто така општинските сојузи немаат право да поднесат кандидатура за претседател на ФФМ, ако имаат веќе член во Управниот одбор на федерацијата и тоа дури шест месеци откако на некој од тие членови на УО ќе им заврши мандатот. Оваа промена во членот 91б уште повеќе ја усложнува постапката за демократско и непречено кандидирање, што е сосема спротивно од „филмот“ на ФФМ дека – сега трката за претседател – е отворена.
Исто така изгласана е и одлука во членот 43 да се стави старосна граница и тоа за претседател да не може да се кандидира лице постаро од 65 години, што не е во согласност со правилниците и статутот на УЕФА, каде старосната граница е поставена до 70 години. Оваа одлука е поставена наводно во согласност со Законот за пензиско осигурување, што е апсолутно спротивно на Статутот на ФФМ, зашто функцијата претседател е волонтерска иако Илчо Ѓорѓиоски беше дебело платен и професионално ја извршуваше таа функција.
извор:sport1.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close