„Меѓаши“ апелира до Владата да ја преиспита одлуката за враќање на родителите на работа

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ апелира до Владата да ги преиспита одлуките поврзани со враќањето на работа на родителите на деца до 10-годишна возраст и враќањето на работа на мајките ослободени од работа врз основа на користење продолжено породилно отсуство.

„Во услови кога сè уште не се јасни начините како ќе продолжи образовниот процес, бројките на заразени случаи сè уште немаат тренд на опаѓање, изменети услови на учење, без разлика на изборот – со физичко присуство или онлајн, сметаме дека одлуката е неконзистентна со претходните одлуки и премногу е кус рокот за да им се овозможи на родителите соодветно да се организираат“, велат од Меѓаши.

Од таму велат дека на децата на училишна возраст, особено на првачињата, им е неопходно присуство на еден родител и во случај на онлајн-настава и во случај на посета на наставата со физичко присуство.

„Со оглед на најавеното скратено времетраење на часовите, децата ќе поминуваат значително помалку време на училиште и поради работниот ангажман на своите родители, може да се најдат во ситуација сами да поминуваат повеќе часови во своите домови сè до враќањето на нивните родители“, велат од Амбасадата.

Исто така, од „Меѓаши“ велат дека неизвесно е дали сите деца чии родители се работно ангажирани ќе може да бидат навремено примени во градинка.

Според „Меѓаши“, прашањето на континуирана и квалитетна грижа за децата, безбедноста, менталното здравје и нивната благосостојба е оставено неодговорено, нема понудено решение од страна на Владата за надминување на оваа состојба.

Оттаму предупредуваат и дека стресот предизвикан кај родителите со оваа нагла одлука со рок на спроведување од една седмица ќе има последици врз севкупниот семеен живот, што повторно ќе се одрази на децата.

Извор: Макфакс

Close