Јапонија го доби новиот премиер

Јошихиде Суга и официјално е избран за нов премиер на Јапонија и ќе го наследи Шинзо Абе кој најави повлекување од премиерската функција поради здравствени причини.

71-годишниот Суга доби 314 од 462 гласови во долниот дом од јапонскиот Парламент. За избор беше потребно обично мнозинство, а резултатите од гласањето во Горниот дом засега не се познати.

Во понеделникот Јошихиде Суга беше избран за нов лидер на владеачката партија и со тоа досегашниот главен секретар во кабинетот на Абе го осигура изборот за шеф на владата каде мнозинството го има владеачката коалиција на Либерални демократи.

Суга ја доби поддршката на водечките луѓе во партијата поради очекувањата дека ќе ја продолжи политиката на Шинзо Абе.

Новиот јапонски премиер најави дека главните приоритети на неговата влада ќе бидат борбата против коронавирусот и опоравувањето на економијата која беше тешко погодена од пандемијата.

Close