Почина писателот и хроничар Данило Коцевски

По кратко боледување почина писателот и хроничар на Скопје, Данило Коцевски. Погребот се одржа денеска на Градските гробишта Бутел во присуство на семејството.

Данило Коцевски е роден во 1947 година во Куманово. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Како стипендист на француската влада престојувал во Франција (1981-1982). На Интердисциплинарните студии по новинарсто на скопскиот универзитет ги држел вежбите по теорија и практика на новинарството. Еден е од иницијаторите за основање на Институтот за македонска литература, заедно со Георги Сталев, Слободан Мицковиќ и Душко Наневски, на почетокот на осумдесетите години. Член на Друштвото на писателите на Македонија станал во 1973 година. Со група еминентни македонски писатели основач е на здружението на Независните писатели на Македонија, во текот на 1993-1994 година.

Како дваесетгодишник (1967) професионално се вработува во редакцијата на весникот „Млад борец“, а подоцна преминува во културната редакција на тогашната Радио – телевизија Скопје (1973). Најпрвин бил член на редакцијата на познатото списание за уметност и култура „Разгледи“, а потоа и негов главен и одговорен уредник. Од 2008 – 2012 година ја извршувал функцијата директор на Струшките вечери на поезијата.

Првата книжевна творба ја објавил во весникот „Нова Македонија“ во 1962 година. Познат е пред се како книжевен критичар и теоретичар. Но пишува и проза, поезија и драмски текстови. Објавил 26 книги од сите жанрови, како и неколку драмски текстови од кои некои се наградени („Еразмо Ротердамски“ на конкурсот на МНТ, 1999, а за улогата на Ештро во неговата драма „Од првиот здив’ (1995) артистот Диме Илиев ја доби наградата Ристо Шишков. Добитник е на еминентни признанија од областа на книжевноста и публицистиката, a негови текстови се преведени на неколку јазици и застапени во неколку антологии. Познат е и како хроничар на градот Скопје, со неколку издадени книги и повеќе документарни и телевизиски емисии посветени на градот.

Досега има објавено триесетина дела од најразлични жанрови. Освен книгите, пишува и драми, од кои неколку се изведени и наградени. Познат е и како хроничар на градот Скопје.

Close