Георгиески: Невозможно е да се отстранат сите дивоградби во Охрид

Во Општина Охрид велат дека станува збор за наследени проблеми коишто се обидуваат постепено да ги решаваат. Градоначалникот Константин Георгиески вели дека уривање на сите бесправно изградени објекти е невозможно. Тој укажува дека промените на законската регулатива со која се овозможи легализација на бесправно изградените објекти создала аномалии. Според него, државата во некои случаи би била принудена да плати отштета доколку реши да отстрани одредени дивоизградени објекти.

„По законот за бесправно изградени објекти и нивна легализација, во 50 метри може да се легализира само А1, значи домување, меѓутоа и тој бесправен објект не се вклопува во урбанистичкиот план. И тоа е еден, да речам меѓу-простор, значи тој објект ќе е легален но нема да биде во урбанистички план, за утре државата ако реши тој потег да го чисти, ќе треба да го отстрани и ќе треба да му плати отштета на сопственикот на тој објект којшто претходно по закон го легализирал. Сѐ друго ќе биде предмет на отстранување и тоа е една процедура којашто ќе продолжи цела година, ќе продолжи и наредната година, може јас нема да сум градоначалник, друг градоначалник ќе треба да продолжи“. – изјави Георгиевски за samoprasaj.mk

Од Општината признаваат дека за сегашната состојба вина треба да се бара и во бавното урбанистичко планирање. Но, загрижувачки е што оттаму најавуваат дека во иднина ќе евалуираат дали одредени дивоградби можат да се вклопат во новите урбанистички планови, што остава простор за сомнеж дека при планирањето главна водилка може да биде желбата да не се урне нечија дивоградба.

 И покрај сите слабости, во Охрид и понатаму се гради. Општината продолжува да издава одобренија за градба иако една од препораките на УНЕСКО беше да се прогласи мораториум на каква било урбана и крајбрежна трансформација во рамките на светското наследство.Мораториумот требаше да важи додека не се донесат сите релевантни плански документи (план за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион, план за крајбрежјето што е заснован врз исклучителната универзална вредност итн.), да се усвојат сите правни акти што се неопходни за ефективна заштита на доброто и да се воспостават соодветни контролни механизми.

Од сите наведени работи, донесен е само Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион. Од Општината велат дека одобренија за градба за издаваат само за објекти коишто се усогласени со овој план.

Целиот текст со клик на SAMOPRASAJ.MK

Close