Возбудливо музичко патување на „Охридско лето“ со моќниот глас на мецосопранистката Каменица

Моќниот глас на мецосопранистката Викена Каменица од Република Албанија и звуците на пијаното произведени под вештите раце на познатата албанска пијанистка Мерита Реџа Тершана, вчеравечер ја исполнија внатрешноста на црквата „Света Софија“ .

Концертот на албанските уметници се одржа во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

Оперската дива Викена Каменица ја воодушеви публиката со својот импресивен глас, но и со сценскиот настап на подиумот во катедралната црква со што уште еднаш го потврди епитетот што го носи, оперска дива со глас што ги воодушевува слушателите.

-Почестена сум што бев гостин на јубилејот на овој прекрасен фестивал. Ми беше  чест што гостував заедно со мојата пријателка бидејќи заедно работиме веќе 20 години, и се знаеме многу добро. Токму затоа ни е многу лесно кога сме дует и кога работиме заедно. Публиката на концертот беше одлична. Мило ми е што го прифатија и уживаа во нашиот репертоар кој беше разнобоен со многу различни композитори, изјави мецосопранот Каменица.

Пијанистката Мерита Реџа Тершана која критиката, публиката и медиумите ја сметаат за една од најактивните уметници на албанската територија, и минатата година ја почести публиката со својот настап одржувајќи концерт заедно со флејтистката Јонела Големи.

-Не сум гостин првпат, имам гостувано на фестивалот и порано, но секојпат е возбудливо да се настапи овде. Охрид има прекрасен фестивал и одлична публика, така што ми беше чест да настапам повторно. Во ова време е многу тешко да се прави музика и да се реализираат концерти поради вирусот ковид-19, но вашата организација е одлична и е за голема пофалба, така како што наликува на јубилејните 60 години постоење, рече Реџа Тершана.

Возбудливото музичко патување започна со „Матината“ од Леонкавало, продолжи со  Шубертовите композиции „Крај потокот“ од циклусот „Зимско патување“ и „Липа“, а продолжи со ариите „Ханабера“ и Сегедеија“ од операта Кармен на Бизе. На репертоарот беа и дела од Албениц, Сен-Санс, Гранадос, Барбиери, Чапи, Дебиси, Вајл и Гершвин.Извонредната интерпретација на Каменица во пријано придружба на Реџа –Тершана беше заокружено со  албанските композиции „Мој убав цвету“ од Мула и „Маргело“ од композиторот Јакова.

Публиката која, како и сите претходни фестивалски вечери максимално ги испочитува протоколите за посета на настани од ваков тип,  уживаше час и половина во прекрасниот концерт и ги награди двете уметници со бурни и долги овации.

До крајот на годинешното 60-то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“ , на програмата ќе се одржат уште три музички настани. Вечерва концерт ќе одржат италијанските уметници Масимо Мерчели на флејта и Лоренцо Бавај на пијано. Утревечер  ќе настапи машкиот вокален ансамбл „Ноктурно“ од Србија, а годинешната музичка програма ќе ја затвори познатата македонска обоистка Гордана Јосифова-Неделковска со концертот насловен „Музички пријателства“ и нејзините гости на вечерта, гитаристот Влатко Стефановски, флејтистот Страшо Темков, како и пијанистката Елена Атанасовска Ивановска.

Close