Најдобрите европски музичари и годинава на „Охридско лето“

Белгиско-грчкото дуо составено од виолинистот Ное Инуи и пијанистот Василис Варваресос  синоќа во црквата „Света Софија“ оставија силни импресии кај публиката на фестивалот „Охридско лето“  настапувајќи во рамките на традиционалната Вечер на Европската унија.

И годинава продолжи практиката, концертот на оваа вечер да го одржат најдобрите уметници од земјите на ЕУ.

Меѓу присутните во публиката беше и амбасадорот на Европската унија во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар кој рече дека Вечерта на ЕУ е посебно доживување на фестивалот „Охридско лето“.

-Многу сме среќни што сме дел од овој прекрасен фестивал, Ви посакувам најискрени честитки за 60-годишнината и за долгата традиција. Досега на Вечерта на Европската унија имаме донесено  многу уметници и секоја година сум пресреќен кога присуствувам на овој настан. Ова беше навистина прекрасна вечер и мислам дека сите уживавме во неа. Се надеваме дека заеднички ќе продолжиме и во иднина, изјави евроамбасадорот Жбогар кој го проследи концертот заедно со  неговиот колега, амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние, како и со градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.

Уметниците на подиумот во катедралната црква „Света Софија“ ноќта што долго ќе се памети ја започнаа со маестрална изведба на Бетовеновата Соната за виолина бр.7, продолжија со импресивна изведба на Свитата од музиката за Шекспировата драма „Многу врева за ништо“  од Корнголд, а завршија со преубавата Соната за виолина и пијано од Франк.

-Прекрасно е , црквата е преубава и има неверојатна акустика, градот е прекрасен. И иако е многу тешка ситуацијата со ковид-19, сепак, вечерва имаше многу позитивна енергија на концертот Прекрасно си поминавме, а верувам и публиката, изјави грчкиот пијанист Василис Варваресос.

-Луѓето кои беа присутни на концертот многу уживаа и беа максимално инволвирани и  е нешто што многу ме радува. Енергијата беше многу силна, се надоврза белгискиот виолинист Ное Инуи.

Инаку двајцата уметници кои со своето музицирање ја збогатија програмата на „Охридско лето“,често настапуваат заедно. Ное Инуи свири на виолина изработена од Томазо Балестриери во 1764 година. Студира на конзерваториумите во Брисел, Париз, Карлсруе и Дизелдорф што му овозможува да ги запознае различните виолински „школи“- француско-белгиската, германската и руската преку дидактичките стилови на педагозите Галамијан и Столјарски. Василис Варваресос дипломира, магистрира и докторира на престижната школа за музика „Џулијард“ во Њујорк. Неодамна кон неговите академски титули ја придодава и дипломата Уметник изведувач од  Конзерваториумот за музика и танц во Париз. Неговиот последен албум „В за Валс“ е посветен на познатите дела инспирирани од танцот од Лист, Скрјабин, Шуман и Равел, а неодамна за издавачката куќа Навис класикс сними аудио-записи со виолинистот Ное Инуи и баритонот Димитрис Тилиакос.

 

Close