Рахмањинов и Мусоргски прозвучија совршено преку изведбата на уметниците Гримпас и Лазаридис

Со добро одбрани композиции на Рахмањинов и Мусоргски изведени на виолончело и пијано, грчките уметници Христос Гримпас и Џорџ Емануел Лазаридис приредија вистинско уживање за љубителите на класичната музика кои вчера беа дел од публиката на „Охридско лето“.

Виолончелистот Гримпас, е задоволен од својот настап пред публиката во црквата „Света Софија“, иако, како што рече, како музичар во оркестар веќе подолг период не музицира на концертните подиуми.

-Многу сме среќни и голема ни е честа со колегата Лазаридис што имаме можност да го изведеме нашиот перформанс во ова прекрасно место. Многу ми недостигаат концертите. Свирам во оркестар, но поради коронакризата не настапуваме, па така, ми недостига музиката. Што се однесува до фестивалот „Охридско лето“ можам да кажам само пофални зборови за извонреднатa организација и би сакал повторно да настапиме овде, изјави Гримпас.

На репертоарот беа Сонатата за виолончело и клавир оп.19 од Сергеј Рахмањинов, како и композицијата „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски што беше соло-настап на пијанистот Лазаридис.

Христос Гримпас студиите ги започнува на Државниот конзерваториум во Солун, а продолжува да студира на Универзитетот за уметности во Берлин. Магистрира на познатата Висока школа за музика во Есен. Бил член на Рајнскиот младински оркестар, на Интернационалниот младински оркестар како и на Оркестарот на Европската Унија.

Добитник е на повеќе награди и признанија. Од 2002 година  е редовен член на Симфонискиот оркестар на Солун. Основач и член е на ансамблот „Транскрипшн“ со кој настапува во музејот „Тејт Модерн“ во Лондон,  во Музејот „Кралица Софија“ во Мадрид, во „Мегарон“ во Атина, во музејот „Сабанџи“ во Истанбул и др.

Пијанистот Џорџ Емануел Лазаридис е сестран музичар со повеќе од 30-годишно присуство на интернационалната музичка сцена како солист, композитор, едукатор и основач на повеќе нови културни институции. Активен е на концертната сцена во престижни концертни сали од САД и Мексико до Европа, Русија и на Блискиот Исток, со настапи кои го носат на некои од најпознатите музички фестивали во Истанбул, Акс во Прованса, Монтереи, Свонси, како и во Карнеги Хол, Ројал Алберт Хол, Музикферајн, салата на Петербуршката филхармонија и многу други.

 

Close