(ВИДЕО) Промовирана книгата „Балканскиот етнички феникс“ од д-р Рубин Земон

Синоќа во Лапидариумот при Музеј куќата на Робевци во Охрид се одржа промоција на најновотo издание на издавачката куќа Авант прес, студијата насловена „Балканскиот етнички феникс (Историско-етнографски аспекти за заедницата на Балканските Египќани)“ од д-р Рубин Земон.

За книгата  говореа проф. д-р Ѓорѓи Тоновски и проф. д-р Зоранчо Малинов.
За книгата, рецензентите велат:

„Трудот е едно од ретките четива со кои во македонската социјална мисла сериозно и интегрално се актуелизира, истражува и се продлабочува знаењето за етничката структура на македонското општество… Тој, не само што ќе ги збогати нашите сознанија за оваа проблематика, туку може да послужи и како провокација за нови истражувања и на евентуални други делови од недоволно истражената етничка структура на балканските општества, вклучувајќи го и македонското.“

Проф. д-р Ѓорѓи Тоновски

„ Со оваа книга д-р Рубин Земон не само што ги поставува темелите, туку и доаѓа до едни конечни и завршни форми на еден, релативно, нов историски наратив – оној на етногенезата и историјата на балканските Египќани… книгата да предизвика широк интерес, а потоа и целосно преосмислување, т.е. сосем нов поглед и прочит на множество научни концепции, досега сметани за непроменливи аксиоми….На прв поглед книгата на Рубин Земон е типичен балкански феномен, добро познат во контекст на заедничката историја на балканските народи. Сепак, треба да се нагласи дека авторот не застанува тука, туку успева да ги надмине регионалните рамки со вбројувањето на неговите проучувања во контекстот на новата прочит на глобалната историја од Мартин Бернал и неговите следбеници.“

Проф. д-р Елена Марушиакова, и
проф. д-р Веселин Попов

„… научната мисла не само во нашата држава, туку и пошироко ќе биде запознаена со оваа заедница која за многумина претставува извесна енигма. Имено, децениските напори на авторот за поширока афирмација на заедницата на Балканските Египќани на којашто и самиот припаѓа очигледно вродуваат со плод, а најдобар доказ за сето тоа се и официјалните признанија на реалноста во врска со оваа заедница што доаѓаат од разните балкански држави (Косово, Албанија, Србија, Македонија) на полето на општествено – политичкиот живот.“

Проф. д-р Зоранчо Малинов

Промоција на книгата БАЛКАНСКИ ЕТНИЧКИ ФЕНИКС на Порф. Др. Рубин Земон

Промоција на книгата БАЛКАНСКИ ЕТНИЧКИ ФЕНИКС на Порф. Др. Рубин Земон

Posted by Ohrid 1 on Saturday, August 1, 2020

Рубин Земон е етнолог односно социо-културален антрополог, роден во Струга, на 25 октомври 1970 година. Докторирал на Етнографскиот институт со музеј при Бугарската Академија на науките во Софија, Република Бугарија, во 2005 година. Бил научен соработник во Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро – Балкан“ во Скопје, универзитетски професор при Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Во 2016 година е назначен за директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања при Универзитетот „Евро – Балкан“ во Скопје.

На повеќе наврати е ангажиран како експерт/консултант од страна Советот на Европа, како и ОБСЕ/ОДИХР за различни мисии, проекти и проблематики поврзани со националните малцинства и мултикултурализмот, во разни држави на Европа, особено во земјите на Југо-источна Европа.
Позната е неговата активност и во граѓанскиот сектор во земјата и странство како претседател на Сојузот на балканските Египќани, член на претседателството на Македонското етнолошко друштво, член на претседателството на Мрежата за мултикултурно општество и др.
Од 2013 година ја иницира и секоја година успешно ја организира како претседател на Програмскиот комитет на годишната Меѓународната конференција за културно наследство, туризам и медиуми, што веќе традиционално се одржува во Охрид за време на празнувањата на Водици, на која учествуваат околу 100-тина научници и стручни лица од земјата и странство.
Во 2018 година е назначен за посебен советник на претседателот на Владата на Република Македонија за развој на мултикултурното општество, интеркултурализамот и интер-културните комуникации. Од таа позиција ја иницираше и почетно ја водеше подготовката на владината Националната стратегија за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализмот, која всушност е и прва ваква државна стратегија за интеркутурализам во Европа.
Во јануари 2019 година Рубин Земон е избран за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.

Close